Бев многу од оние зборови на Б: Бесна, бесчувствителна, безобразна, безобѕирна...

Јас бев многу од оние зборови на Б. Бесна, бесчувствителна, безобразна, безобѕирна. Не знаев поинаку. Не сакав да знам. Јас и животот се расправавме.

Емотивниот дел од мене се расправаше со делот кој повеќе не сакаше да сака никого. Ја сакав мојата улица со која морав да се збогувам. Своите пријатели. Ѕидовите. Играчките. Го сакав татко ми. Наместо татко ми, остана некој споменик на кој напишавме дека ќе го чуваме од заборав. И еве, јас се трудам.

Верувам дека бесот во мене повреди многу деца. Многумина на кои им се смеев затоа што мислев дека тоа е кул. Затоа што животот не ја заслужил најдобрата верзија од мене, затоа што чувствата беа за слабаци. Неколку пати се тепав со други девојчиња затоа што сакав да бидам опасна.

Се срамам, но не знаев поинаку. Бев лута и бесна. Бев лоша личност кон многу луѓе.

Не знам кога сфатив дека морам да бидам најдобра верзија од себе. Можеби кога првпат останав сама, без оние кои ме штитеа. Можеби кога сфатив колку други млади луѓе се борат со животот, а не се ниту арогантни, ниту безобразни. Можеби кога сфатив дека во себе носам дел од својот татко. Можеби јас требаше да бидам таа која го чува од заборав.

И еве ме. Има повеќе од една деценија како престанав да ги кријам своите чувства. Ги сакам луѓето. Луѓето ме повредуваат, јас тоа го преживувам. Повторно. И тоа е во ред. Повеќе од 10 години пишувам. За себе. Најискрено и најемотивно. И за него.

И повеќе не сум некаква кул девојка, туку обичен емотивец. И живеам со тоа. И плачам. Често. Секогаш кога ќе ми се заплаче. И повеќе не сум му лута на животот. Понекогаш сум тажна кога ќе се сетам на сето она што можеше да биде, а не е, ниту ќе биде. Но, тогаш се сеќавам на она што можеби ќе биде и се радувам на индината.

Се лутам само кога ќе видам како луѓето не знаат да го ценат животот. Тоа најчесто се луѓе кои не знаат како изгледа смртта и каков пустош остава зад себе. Луѓето живуркаат на работа. Луѓето живуркаат во безначајни врски. Луѓето не умеат да сакаат. Озборуваат. Прават сплетки. Се расправаат. Тоа не е животот кој сакам да го живеам. Тоа не е животот кој мојот татко би го сакал за мене, а јас му ветив дека ќе живеам најдобро што можам. За оние делови од него кои живеат во мене.

Тој беше мојот прв најдобар другар. Чувајќи се себеси, го чувам и него. Има луѓе кои го препознаваат во моите редови и велат дека тој би се гордеел со мене. Тоа веројатно значи и дека мојот живот има смисла. Ми се јави неговиот најдобар другар од факултет. Дури откако заборавив како е да се биде „кул“, а на моето биро паѓаа солзите кои капеа од моите очи. Во животот треба повеќе насмевки, а помалку од овие мои работи на „Б“. Тоа ваше безобразно, безобѕирно и бесчувствително, носи тага за некој друг. И ич не е кул да се биде кучка. Никогаш не било, никогаш нема да биде.

Сите ние го носиме своето срце зад сите фасади кои ги ставаме. Секој од нас има свои оправдувања за својата ароганција и лошо однесување. Нема човек кој не бил повреден. Но, важно е она што ќе го избереш и она за кое навиваш. Јас се срамам од тие моменти кога дозволив лошотилукот во мене да победи. Го памтам и моментот кога ми се јави девојчето кон кое бев груба кога имав 14 години. Таа се сеќаваше, а јас речиси и имав заборавено.

Не дозволувајте да ве помнат во вашата ароганција. Немојте да бидете нечија траума од детството, од маало, од работното место.

Бидете добри и сакајте. Можеби повеќе боли, но повеќе вреди.