Бесплатен превоз со ЈСП за посетителите на Таксират

Организаторите на фестивалот Таксират соопштија дека за своите посетители обезбедиле бесплатен јавен градски превоз во соработка со Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје.

„За време на одржувањето на настанот, односно на 9-ти декември и на 10-ти декември до пладне, сите посетители добиваат бесплатен превоз со автобусите на ЈСП, за што доволно е само да го приложат билетот за фестивалот и безгрижно да уживаат во големото финале со кое ќе биде одбележано затворањето на 18-тиот Таксират“, соопштуваат организаторите.

Тие додаваат дека оваа поволност, реализирана со поддршка на ЈСП, ги промовира и позитивните вредности на фестивалот: апелот за безбедно учество во сообраќајот и одговорно конзумирање алкохол.