„Бесмртните“: стрип посветен на Илинденците

Ново издание на „Стрип Квадрат“, овој пат посветено на Илинденците, како што и самиот наслов кажува, „Бесмртните“. Се работи за стрип од 160 страни во кој се раскажуваат неколку паралелни стории од илинденскиот период. 

Промоцијата на стрипот ќе се одржи на 28-ми јануари, во арт-кафе „Ли“ лоцирано на плоштадот кај Млечен во Тафталиџе. Автор на стриповите е Диме Иванов Димано. Самиот наслов, „Бесмртните“, ја дава димензијата на овие приказни, секоја од нив обвиткана со непокор и херојство, којшто бил општопознат за македонскиот народ од Илинденскиот период, кој стремел за ослободување од Отоманската Империја. Па така, овде ќе ги најдете стрип приказните за „Војшана“, според која е именувано селото Војшанци, потоа „Доброволно во смрт“, во кој е обработена сторијата за Солунските атентатори, како и повеќе други стрип приказни за Питу Гули, Веле Марков, Методи Патчев, Леонид Јанков итн...

Димано е еден од наплодните стрип автори во Македонија, со преку 800 објавени стрип табли објавени во нашата земја и регионот. Неговите стрип табли се изложувани на голем број изложби во Македонија и на Балканот, а неколку негови табли беа изложени и во Брисел на светската стрип изложба по повод 70-годишнината од Втората светска војна. Покрај стрипот, долги години се занимава и со илустрација, и објавува во сите позначајни изданија за деца.