Бела ноќ во Скопје: Импресивна програма, бесплатен превоз и затворени улици

Вечерва Скопје ќе се обои во бело, а причината за тоа е петнаесетото издание на манифестацијата „Бела ноќ“. Поради ова автобусите на ЈСП вечерва ќе возат бесплатно, а дел од сообраќајниците во Скопје ќе бидат затворени. 

Со концерти, изложби, музика, кино и театарски претстави ќе се одржи уште едно издание на „Бела ноќ“ во Скопје. Поради јубилејната 15-та година на фестивалот, „Бела ноќ“ во сабота ќе се одвива на 15 локации. Па така, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе започне во 20 часот. Победниците на натпреварот во видео мапинг на Skopje Light Art District 2019, французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26-ти јули. Во МКЦ пак, како дел од 9-тото издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со прочуеното британско електронско дуо Paranoid London, но и со домашните Pluto’s Doubt, Sethstat, Barum Barum. Во МНТ од 22 часот ќе има премиера на претствата „КРУГ“, адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Reigen), а во режија на Наташа Поплавска. Националната Опера и Балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“. Настаните ќе се одржуваат на повеќе локации низ Скопје – КИЦ, Театар Комедија, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата Чаршија, во паркот Ибни Пајко, Мала Станица, Градското кино Милениум како и во Музејот на современа уметност.

Користењето на јавниот превоз во Скопје и годинава ќе биде бесплатен по повод манифестацијата „Бела ноќ“. Бесплатниот превоз ќе важи за користење на сите линии, во период од 18 часот во сабота (5.10.2019 година), до 4 часот во недела (6.10.2019 година), информираат од ЈСП.

Во организација на ЈУ Универзална сала Скопје, ќе се одржи традиционалната манифестација „БЕЛА НОЌ“, на платото пред Универзална сала, на булeварот „Партизански одреди“, на потегот од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт“ до крстосницата со ул.„Костурски херои“, во насока на движење кон центарот во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи