„БЕЛА НОЌ“: Изложби, концерти, перформанси и филмови под отворено небо (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчера во Музејот на Град Скопје ја отвори традиционалната манифестација  БЕЛА НОЌ, каде што беа поставени дел од делата на Големата изложба на американски ПОП АРТ, што беше распослана на три страни во градот, односно во  Музејот на Град Скопје, Музејот на современа уметност и Младинскиот културен центар – МКЦ.

– Традиционално, во првите денови на есента, саботната ноќ ја зачинуваме со дополнителна светлина, музика, бои од ликовна експресија, спектакуларни перформанси, продолжено работно време на јавните и угостителски објекти, бесплатен градски превоз, сé со цел да се привлечат граѓаните на Скопје да излезат од своите домови за да доживеат несекојдневно уметничко и општетсвено искуство. И оваа вечер, по 12-ти пат, се надеваме дека скопјани ќе препознаат обид на Градот Скопје и на Младинскиот културен центар да организираат Бела ноќ којашто ќе претставува квалитативен исчекор во однос на сите претходни.Покрај Младинскиот културен центар и Музејот на градот Скопје, и другите градски установи од областа на културата: Конгресен центар Александар македонски, Градска библиотека Браќа Миладиновци, Културно информативен центар, Дом на културата Кочо Рацин, Зоолошка градина – Скопје и Детскиот културен центар – Карпош, ќе понудат инвентивна и пред се модерна програма којашто ќе предизвика сечие внимание.Ве поканувам да ги погледаме импресивните дела на американскиот поп арт, што не опкружуваат, потоа на градскиот плоштад да присуствуваме на спектакуларни перформанси, на рок концерти, изложби на фотографии, танцов перформанс, ликовни изложби, филмски маратон, изложба на стрип арт и на многу други содржини-изјави  на отворањето на изложбата градоначалникот Трајановски.

Големата изложба на американскиот  ПОП АРТ е составена од над 100 графички дела, од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист.  Делата на поп-артистите пред сè упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила.

На Плоштадот Македонија, во 21 часот, настапи француската трупа  Кидам (Company des Quidams)  со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс Горди на коњ, улична светлечка парада, а потоа се одржа  театарскиот перформанс „Арка“ на полската  трупата „Театарот на осмиот ден“.

Перформансот – именуван „Арка“, нè потсетува дека денес, сè уште живееме во доба на бегалци, скитници, номади, кои патуваат низ континентите и си ги затоплуваат душите со спомените од домот, без разлика дали тој дом е духовен и/или етички, небесен и/или географски, реален и/или пак имагинарен.

Во Младинскиот Културен Центар се одржаа  концерти на култната белградска група Дисциплина кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“,   швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil’s Motorcycle; и македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.

Детскиот креативен центар при МКЦ, за време на Бела ноќ беше отворен  од 17 до 20 часот за децата на посетителите кои присуствуваа на работилниците Интервенција на простор „Боен амбиент“ и на Звукот како визуелна појава.

Во Денсинг салата на МКЦ се одржа DeSonanz – фестивалот  на кој настапија   Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.

Во Џебното Кино на МКЦ посетителите имаа можност да присуствуваат на  одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.

Во градско Кино Милениум  како и изминатите години имаше бесплатен филмски мартон. За  Белата ноќ се одржа премиерата на македонскиот кандидат за Оскар, филмот  „Ослободување на Скопје“.

Во Културно информативниот центар беше поставена   изложбата на фотографии на  словенечки автор Горан Берток, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ изложбата на фотографии на Ерина Богоева од Македонија.

Како и секоја година, така и оваа година, во рамките на БЕЛА НОЌ, граѓаните на град Скопје  имаа можност да поминат бесплатно попладневно матине во Зоолошката градина.

Организатор на манифестацијата БЕЛА НОЌ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и музика, од Буџетот за 2016 година одвои 3,5 милиони денари.