Бегство од урбаниот метеж: На само неколку километри од Скопје се нанижани убавини (фото)

Месноста Марково Крувче, Маркови кули, падините на јужната страна на Водно, острината на воздухот во Горно и Долно Соње, седумте манастири во Говрлево, недопрената природа по течението на Патишка Река, пасиштата во Јаболци, коњите распослани по ливадите, пејзажот кон Јакупица, мирисот на чистина, хоризонтот со кој владее езерото Козјак, заштитената убавина на Јасен, сѐ е стуткано во атарот на Сопиште. На само неколку километри од Скопје се нанижани убавини. Во последно време велосипедистите ги маркираа овие локации. Планинарите сѐ почесто го избираат овој правец. Љубителите на спелеологијата гледаат потенцијал во развивање спелеолошки туризам, пишува Нова Македонија.

Кај локалитетот Марково Крувче се наоѓаат Марковите кули, тврдина од типот збег, качена на источниот крај на планината Водно. Полурасчистениот терен често ги кани скопјани на прошетка. Одличен видик, пространа панорама, проѕирен воздух нуди јужната страна на Водно. Разликата со врвот Водно и со Средно Водно е помирната атмосфера, тивкоста, помалата фреквенција на луѓе.

Досега со истражувања сe откриени монети и друг археолошки материјал, кои заедно со другите артефакти говорат дека на овој простор постоела одредена населба што била користена во два периода, од 4 до 6 век и од 11-12 до 14 век. 

На зарамнетиот врв во 6 век бил изграден еден необично силен кастел. Ѕидовите му биле широки до 2,5 метри и зајакнати со 40 кули. Станува збор за едно силно утврдување со одбранбен ѕид и кули, кои имале цел да го штитат сето она што се наоѓало внатре, односно населбата. 

Будислав Јовевски и Бошко Стојановски како староседелци на општината Сопиште, ни беа одлично друштво и водичи на оваа прошетка.

- Како мали сме играле овде. Порано сѐ беше затрупано од природата, само дрва и трње имаше, само камења наѕираа. Сега малку е расчистено. Ова било цела тврдина, длабоки неизбришливи траги се останати на овој терен. Има две големи кули што се затрупани со грмушки. Допрва треба да се истражува. Убаво место е ова, за викенди е полно. Сѐ полесно од Средно Водно луѓето скршнуваат наваму, наместо кон Крстот - ни кажа Будислав.

МАНАСТИРСКА ТУРА ВО ГОВРЛЕВО

Преку Долно Соње, Горно Соње, ги одминавме селата Света Петка, Чифлик, Барово и направивме пауза во Говрлево, познато по седумте манастири. 

- „Свети Трифун“ е главната манастирска црква во Говрлево. Се наоѓа на ридот Брзовец со голема природна убавина и има централно место и видик на целата околина зад Водно. Сегашната црква датира од 17 век. Таа е главната манастирска црква, а покрај оваа има уште пет манастири во истиот двор, а тоа се „Свети Петар и Павле“, „Света Недела“, „Света Троица“, „Света Марина“, „Света Петка“. На неколку минути одење тука е и „Свети Кузман и Дамјан“. За сите манастири се грижам. Постојано ни доаѓаат гости. Секој ден сум овде, вратите се отворени. Луѓето помагаат со свои донации, придонесуваат за манастирите за што било да притреба - сподели домаќинот Алекандар Јовановски. 

По полуземјен, полуасфалтиран пат, со многу крпеници и дупки, вирчиња со вода, разгранети дрвја, кои надвиснале на патот стигнавме и до Нова Брезница.

ЛЕДЕНА УБАВИЦА ВГНЕЗДЕНА ВО СУВА ПЛАНИНА

Името на Нова Брезница сѐ почесто се спомнува поради Ледената Пештера, уште позната како Светла, специфична по своите внатрешни украси и ледени кристали. Лоцирана е во еден од најинтересните и најзначајните карстни предели во Македонија во атарот на селото Нова Брезница на надморска висина од 990 метри. Вгнездена на падините на Сува Планина. Се наоѓа на околу еден час пешачење од селото во месноста викана Дурли Бунари. Лесно е достапна и е на само 30 километри од Скопје. Она што ја прави атрактивна е минеролошкиот феномен - калцитни кристали со голема проѕирност.