Бегство од градскиот метеж: Македонија во мало на падините на Водно

На околу 10 километри од ценатрот на Скопје, на падините на Водно, спроти манастирот „Св. Пантелејмон“ се наоѓа комплексот „Македонско село“. Комплексот беше отворен кон лани крајот на јуни, и за кратко време стана омилена дестинација на скопјани за бегство од градскиот метеж и од топлото време.

„Македонското село" е комплекс што се состои од 12 автентични куќи: беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. Во секоја од нив во долните катови посетителите може да се запознаат со некој занает карактеристичен за регионот. Во битолската куќа е прикажан грнчарскиот занает.Има вработен што прават грнчарски производи, а посетителите можат сами да се обидат да направат или да си купат готов грнчарски производ.

Во кратовската куќа има винарска визба, во делчевската куќа има ткајачница, а во прилепската е прикажана обработката на тутунот.

Во горните катови на куќите ќе има апартмани во кои туристите ќе може да преспијат. Од Министерството за економија напоменаа дека ќе има 51 соба за ноќевање, како и продавница за сувенири и музеј на отворено со кој ќе стопанисува Музејот на Македонија.

Во комплексот има ан каде што може да се руча, а во рамките на струшката и кумановската куќа во помали ресторани гостите  се служат со традиционални јадења како кумановски мезалак. Изградена е и валалница, воденица, штала и друго.

Воедно Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ воведе линија со број 28 од Транспортен центар до „Македонско село“ на Водно.

Патниците се превезуваат со минибус кој  се движи од Транспортен центар, преку булевар К.Ј.Питу, булевар Кочо Рацин, ул. 11-ти Октомври, ул. Димитрие Чуповски, булевар Св.Климент Охридски, булевар Партизански Одреди, ул. Московска, ул. Војвода Васил Чакаларов, ул. Козле, Пат за Горно Нерези, до „Македонско село“.