Базените во Скопје се спремаат за летните горештини

Базените и оваа година се очекува да бидат излез од пеколните горештини за скопјани, а рекреативното разладување, според најавите, може да се направи и за само двесте денари дневно.

Сепак луѓето од метрополата и годинава ги мачи истата дилема. Дали за тие пари ќе им биде дистрибуирана квалитетна и исправна вода во базените. А тука е и желбата, надлежните да ја издигнат свеста кај капачите во однос на културното однесување.

Во Скопје постојат неколку базени каде што граѓаните можат да се разладат во летните горештини. Спортскиот центар „Борис Трајковски“, „Аквапаркот“, Воениот базен и Олимпискиот базен. 

Од Олимпискиот базен информираа дека на водата во нивниот базен се внимава 24 часа и велат дека таа се филтрира нонстоп со специјализирани израелски роботи. Како што велат тие водата е комплетно тестирана од Центарот за јавно здравје и проверките се вршат секоја недела. 

- Водата е најважниот елемент во пливањето и пливачките спортови. Поради тоа не смее да постои базен во кој не се води ригорозна грижа за квалитетот на водата. Во нашиот објект, водата за капење е комплетно тестирана за хемиска и технолошка исправност од Центарот за јавно здравје - Скопје. Тоа се врши секоја недела без  исклучок. Олимпискиот базен е единствен во државата каде што водата се филтрира 24 часа секој ден по електронски пат. За да се обезбеди здрава околина за пливање. Просториите се чистат со специјални средства што не содржат токсични материи - објаснуваат од Олимпискиот базен за Нова Македонија.

Температурата на водата кај нив е во согласност со олимписките норми - точно 26 степени. Подовите се чистеле со подводни роботи секој ден.

- Услугите се користат и рекреативно и професионално, а функционираат и школите за пливање за најмладите, со што од најрана возраст би научиле што е тоа тимски дух, колегијалност, упорност, здрави навики и социјализација - велат од Олимпискиот базен. 

Слична е ситуацијата и со базенот „Карпош“, кој сега е во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Оттаму велат дека водата е кристално чиста и здрава за капачите.

- Кај нас редовно се прават анализи од Центарот за јавно здравје. Ние сме бренд и не дозволуваме грешки кога е во прашање хигиената - велат од одделението за управување со пливачки базен.

Како што велат тие, за Нова Македонија, условите се мошне строги кога станува збор за капачите и за нивната хигиена.

- За користење на базенот капачите мора да користат капи, а при влегувањето им се посочува кое е правилото за капење. Не дозволуваме да влезе некој што има отворени рани. Пред самиот влез во базенот имаме поставено мали кади со вода за дезинфекција на нозете. Ако видиме некој да влезе и да не ги почитува правилата, веднаш го предупредуваме да го напушти базенот - додаваат оттаму.

 

Извор: новамакедонија.ком.мк