Базените во Скопје ја започнаа летната сезона, бидете внимателни за опасностите кои демнат таму

Речиси сите базени во Скопје започнаа со работа оваа летна сезона, а деновиве се најавува повторно топло време и високи температури.

Базените се одличен начин за да се преживее летото во градот. Пред да посакате да скокнете во ладното синило, прочитајте за можните опасности кои демнат во базените

Кога одите на базен не треба да внимавате само на пливањето и да не се лизнете на водените плочките, туку и на инфекциите кои што може да ги добиете. Стравот од давење и повредите од лизгање се многу оправдани стравови на кои мора да се внимава во секое време, но потребна е поголема грижа, за себе и за околината што ве опкружува. Затоа постојат неколку основни правила на однесување на базен, односно бонтон на базен. Еве неколку препораки:

-Задолжително истуширајте се пред и после влегување во базен, а кога ќе стигнете дома темелно искапете се и не заборавајте целосно да се исушите и да ги избришете со крпа сите делови засебно;

-Никако не влегувајте во базен доколку имате дијареа, некакво воспаление или заразна кожна или половна болест;

-Избегнувајте голтање на вода од базенот;

-Не нуркајте со отворени очи и секогаш користете очила за пливање и капа за да ја заштитите косата од хлорираната вода;

-Не одете боси по влажниот под и не седете на влажните површини во близина на базенот. Исто така, не треба да седите на влажна крпа и во воден костум за капење, бидејќи влагата и топлината поттикнуваат размножување на бактериите;

-При секоја потреба користете го тоалетот, а веднаш потоа темелно измијте ги рацете со топла вода и сапун.

Застоената вода во базенот во комбинација со голем број на пливачи во него, значи зголемена концентрација на микроорганизми. Микробите можат да навлезат во телото преку устата, очите, носот или да ја оштетат кожата и да предизвикаат цревни, вагинални и кожни инфекции.