Баталете Инстрагам и Фејсбук каде сите се среќни: Ако некој те сака, ќе те сака и во најлошата форма!

Живееме во морничавиот императив на совршенството, на секое поле. Во чудната потреба во секој момент да прикажуваме розева бајка за околината.

Социјалните мрежи ја исполираа оваа димензија до непрепознатливост. Совршени луѓе на секој агол. Фотошопираните животи бараат да бидеш точно таков. Мораш. А во суштина – ама баш ништо не мораш.

Да ви кажам нешто: Баталете Инстраграм и Фејсбук каде сите се среќни. Обележани. Извежбани. Дипломирани. Вработени. „Тимбилдирани“. „Ајфонирани“. Чекирани. Јадат јадења кои не знаат ни да ги изговорат, облекуваат штикли за да се сликаат во спалната соба. Идила. Опуштете се. Кој ве сака, ќе ве сака и во најлош можен облик. Верувајте ми.

Да го земеме за пример оној притисок да се биде „Мајка од насловна страница“. Мајка која е и Супермен и Бетмен и стигнува да биде убава, секси, исфенирана, мајка, готвачка, сосетка за кафе, пере, пегла и сѐ можно. Откако ми се роди ќерката, воопшто не ги соблекувам пижамите, веѓите ми се хаос. За да одам во веце, морам и неа со мене да ја носам затоа што сака да ѝ зборувам. Почна да јаде кашички, па затоа секој можен ден имам делови од банана во косата, како најубав украс. На сексот со задоволство се сеќавам и топло го поздравувам.

Еден час ги пакувам нејзините работи, количката и неа, за да отидеме некаде да се прошетаме и тогаш ќе ѝ текне да изврши голема нужда и притоа се кикоти како да го освоила Монт Еверест. Кога конечно ќе излеземе, сфаќам дека косата ми изгледа како во неа да пукнала петарда. И среде улица почнувам сама да се смејам на глас, како да ми фали нешто.

И што? Навидум изгледа како ништо да не е на свое место, а баш сѐ е онака како што треба. Можеби не е инстраграмски, но е од срце. И среќно е до болка. Тука се работи за животна среќа. Среќа во која има солзи, галама, танцување, болки во грбот, но има и толку многу магични моменти, што ниту еден фото-апарат, ниту скап мобилен, не можеле да ги доловат како што треба. Со цела почит кон пикселите.

Среќата спие во очите на оние кои нѐ сакаат. Онакви какви што сте кога ќе ги тргнете сите фасади. Тоа се очите на оние кои ви се радуваат, онака од длабочината на својата нерасипана душа, како што мојата ќерка ми се радува на мене, дури и кога не личам на ништо.

.