Исландскиот писател Браги Олафсон ќе биде специјален гостин на 5.Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај во Скопје. 

Тој ќе биде во друштво на уште шестмина писатели од Балканот, кои во трите фестивалски дена ќе можат да им доближат на своите читатели во Македонија. 

Организаторот на фестивалот, издавачката куќа „Икона“ ги издаде романите „Миленичињата“ и „Амбасадорот“ на Олафсон, во превод на Натка Најдов. Двете дела ќе бидат промовирани во рамките на фестивалот. 

И покрај завидната писателска кариера, Олафсон, пред сѐ, е познат како музичар. Тој беше дел од познатиот бенд „Шугаркјубс“ и со години верен басист на Бјорк. 

Роден е во Рејкјавик во 1962 година. Интересен е изборот на професии, којшто тој го имал. Работел како поштар, службеник во банка, асистент на продажба, музичар, новинар...Тој е косопственик на музичката компанија „Bad taste Ltd., што постои 30 години и издава популарна музика, џез, модерна исландска музика.

Неговите романи „Слободни денови“ и „Миленичињата“ беа во потесен избор на двете главни литературни награди во Исланд. Романот „Игри за забава“ во 2005 година ја освои наградата за најдобар роман според изборот на вработените во исландските книжарници, додека пак, „Амбасадорот“ ја освои Исландската награда за најдобро продавана книга, а беше номиниран и за Исландската литературна награда во 2006 година и Литературната награда на нордискиот совет во 2007 година. Во 2010 година, за романот „Писма за намера“, Олафсон повторно беше номиниран за Исландската литературна награда. 

„Амбасадорот“ беше објавен во САД во 2010 година и придоби одлични критики. Романот е исто така преведен и на дански, германски и на други јазици. „Исландската филмска компанија“ ги откупи и филмските права за филмот.