Населбата Бардовци во Општина Карпош доби нов, модерен  плоштад. 

- Овој  плоштад го изградивме за потребите на граѓаните на урбаната заедница Бардовци. Истиот чини околу 20 милиони денари, и се состои од фонтана, детско игралиште и осветлување. Со овој плоштад, жителите на  населбата Бардовци, ќе може да се релаксираат преку ден, но исто така и да прошетаат навечер. Најмалите карпошани од ова населено место ќе може да се рекреираат и да си играат во детсткото игралиште, нагласи Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Првиот човек на локалната самоуправа, најави дека на 26.09.2016 година, ќе се отвори тендерската постапка за изградба на нова градинка во составот на ООУ,, Аврам Писевски“, а неколку дена подоцна, исто така ќе се отвори тендерска постапка за асфалтирање и поправка на околу 26 помали улички во месната заедница Бардовци.

- Со ова, практично населбата Бардовци, ќе ги има сите потребни инфраструктурни услови, како и преостанатите населби на територијата на Општина Карпош, како што се нови и модерни училишта и градинки, плоштад, атмосферска и фекална канализација, асфалтирани улици, и со тоа Бардовци ќе ги задоволува сите потребни услови за домување и живеење, особено што е позната како населба во која граѓаните се доселуваат, потенцираше општинскиот татко Стевчо Јакимовски.

Свое обраќање до Бардовчани, во име на Советот на локалната самоуправа имаше и претседателот на Советот на Општина Карпош  Сашо Лазаровски, кој  истакна  дека жителите на оваа населба,  се здобиле со еден од најмодерните плоштади во Општина Карпош, кој ќе може да го употребуваат како катче за одмор, рекреација , како и за дневни и вечерни седенки а Карпош станува се попосакувано место на живеење.