Банско, Боровец, Помпорово, Виена и Будимпешта – најбарани дестинации за Нова година

Помалку од еден месец до Нова година, а веќе се прават плановите каде и како ќе се помине најлудата ноќ.

Туристичките агенции уште пред неколку месеци излегоа со понуди, и како што велат тие за сечиј џеб. Има од најевтини до најскапи.

Оваа година, исто како и претходните Бугарија е најбарана дестинација. Поточно Банско, Боровец и Помпорово. Тие велат дека има заинтересираност и за Виена и Будимпешта, како и за турите низ Црна Гора или пак за Грција, стандардно како и секоја година.

Има и такви кои новогодишните празници сакаат да ги поминат некаде подалеку во странство. Оваа година за разлика од минатата, додаваат, дека заинтересираноста за подалечните дестинации како Дубаи, Мадрид, Хавана е поголема.

Од агенциите велат дека дел од луѓето патувањето го плаќаат во готово, а дел на рати.