Балотели го засили Вардар

Бразилскиот напаѓач кој го носи презимето на познатиот италијански репрезентативец Марио Балотели, се приклучи кон екипата на Вардар на денешниот тренинг во Австрија. Како што е познато, Вардарци се во Австрија во рамки на подготовките за новата сезона и натпреварите од квалификациите за Лигата на шампиони.   

Џонатана Балотели, се приклучи на тимот каде одработи полесни подготовки. Деновиве трансферот ќе биде и официјално комплетиран, со што тој ќе стане дел од ФК Вардар и ќе има право на настап во европските натпреварувања.

Бразилецот е второто засилување во летниот преоден рок, по голманот Игор Алексовски. Од нив ќе се очекува да му помогнат на тимот најпрво против хрватскиот шампион Динамо Загреб, во рамки на квалификациите за Лигата на шампиони, во Скопје на 12 јули. На проба во моментов е и Џон Обрегон, за кого се очекува финална одлука во врска со неговиот ангажман во ФК Вардар до крајот на неделава.