Балканска турнеја на мјузиклот „Тајно моја“ и две хуманитарни изведби на МОВ

Мјузиклот „Тајно моја“ посветен на Тоше Проески во октомври ќе биде изведен во неколку држави од поранешна Југославија.

Закажани се изведби во арените во Белград, Загреб и Љубљана, а на претставите како специјални гости најавени се Тони Цетински, Антонија Шола, Нина Бадриќ, Јелена Томашевиќ, Аки Рахимовски и Самуел Лукас, пејачи со кои Тоше соработуваше во текот на неговата кариера.

Мјузиклот „Тајно моја“ е дел и од програмата на годинашните „Мајски оперски вечери“ на 16 и 17 мај, а во чест на Тоше Проески и на неговата хуманост, вкупниот приход од продадените билети за двете претстави ќе биде дониран за лекувањето на 13-годишниот Гоце Марковски од Битола кој што боледува од тумор на мозокот. Во фоајето на МОБ исто така ќе бидат поставени и донациски кутии каде што посетителите ќе можат да донираат дополнителни средства за Гоце.

– Со овој чекор, Македонската опера и балет ја продолжува мисијата што беше идеја-водилка на Тоше во текот на целиот негов живот, и продолжува да го слави споменот на него, се вели во денешното соопштение.

Мјузиклот „Тајно моја“ го постави Македонската опера и балет во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, на десетгодишнината од неговата прерана и трагична смрт.

„Тајно моја“ ја следи приказната на модерните македонски „Ромео и Јулија“. Другарството, пакоста, алчноста, осаменоста, желбата за успех, стравот, а најмногу надежта и љубовта се теми кои провејуваат во ова музичко-сценско дело базирано на голем број музички хитови на Проески, збогатени во нови оркестарски аранжмани.