Балашевиќ повторно во Скопје - побрзајте за карти

Новосадскиот кантавтор и миленик на балканската публика Ѓорѓе Балашевиќ ќе одржи концерт на 14 ноември во 20 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. 

На концертот во Скопје, како што најавија организаторите Авалон продукција на денешната прес-конференција, Балашевиќ ќе ги исполни неговите најпознати хитови. Легендарниот пејач ќе биде придружуван од триесетчлена техничка екипа, која во Скопје ќе допатува три дена пред концертот, додека тој со неговиот бенд ќе пристигне во Скопје ден пред концертот.

Балашевиќ немал особени побарувања освен техничките. Првпат, како што беше посочено, сценографијата се базира на видеопроекции со прожектори и интересни видеа.

Продажбата на билетите е во тек, а партерот е веќе продаден. Места има само на трибините. Билети можат да се купат преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com. Цените се движат од 900 денари за партер (седење), 700 и 900 денари за трибина (седење) и 1.200 денари за „golden seats“.  

Последниот концерт на Балашевиќ во Скопје беше одржан пред 2,5 години. 

Балашевиќ со концертот на белградски Калемегдан пред две години и со околу 30 илјади посетители, е на првото место на интерната листа на Авалон продукција по посетеност, и тоа пред Ајрон Мејден.