Автопатот Скопје-Штип ќе биде готов за шест месеци

Автопатот Скопје-Штип во должина од 47 километри, инвестиција вредна 206 милиони евра со којшто патувањето на оваа делница ќе се сведе на само 35 минути, треба да биде пуштен во употреба за шест месеци односно до крајот на годинава.

Увид на градежните работи на автопатот изврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски беше информиран дека трасата е стопроцентно пробиена. Досега е завршени 64 проценти од физичките работи, а целосно се асфалтирани 50 проценти од автопатот.

Како што посочи  Мисајловски, автопатот ќе биде готов предвреме од првично планираниот датум, мај 2018 година, а тоа, наведе, се должи на интензивирање на работата на терен.

Ова ни беше ветување во програмата, автопатот се гради веќе две - три години од 2014 година. Со неговото завршување патувањето од Скопје до Штип и од Штип до Скопје ќе трае 35 до 40 минути, рече Груевски.

Инаку, како што посочи Груевски, патот Штип - Радовиш кој е дел од владините проекти треба да започне да се гради за месец и половина за што се обезбедени средства.