Автопатот Демир Капија-Смоквица ќе биде пуштен во употреба од следниот месец

Автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба.

-Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт – се наведува во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.

Министерството потенцира дека во рок од два месеци ги завршило сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкус рок е изграден контролниот центар, а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно.

– По предлог на Министерството за транспорт и врски се направија и измени во Законот за градење се со цел да се поедностават конкретни административни постапки кои се однесуваат на добивање на употребна дозвола за да не се случи автопатот да биде вон употреба уште најмалку две години – се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта согласно своите надлежности ќе ги преземат сите активности за да може автопатот да биде пуштен во употреба согласно предвидените рокови.