Агенцијата за вработување на Република Македонија објавува јавен повик до невработените лица, да бидат дел од обуката за задоволување на локалните потреби од квалификувана работа сила.

Се повикуваат невработените лица кои се заинтересирани да се вклучат во пилот Програмата Обука за задоволување на локалните потреби од квалификувана работа сила, да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на РМ.

Селектираните лица ќе бидат вклучени во обуки кои се во согласност со потребите на работодавачите, во времетраење до 4 месеци. Обуките се однесуваат на следните занимања и градови:

Во Охрид:

-сервисер за мехатронички системи, со завршено средностручно образование.

Во Скопје:

-шивач –напредно ниво, со завршено средно образование од текстилна струка,

-шивач –основно ниво, со завршено основно образование,

-електромонтер, со завршено средно образование од електро струка.

Во Прилеп:

-изработувач на бели печива, со завршено било кое средно образование,

Во Струмица:

-електроинсталатер, со завршено средно образование од електро струка,

-електромонтер, со завршено средно образование од електро струка.

 За времетраење на обуката невработеното лице добива паричен надомест од 9.000,00 денари месечно, вклучувајќи и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување и персонален данок на доход.

Обуката ќе се спроведува во работните простории на работодавачите и средните стручни училишта. По завршување на обуката кандидатите ќе полагаат завршен испит.

По завршување на обуката работодавачот е должен да вработи со полно работно време најмалку 50% од кандидатите кои успешно ќе ја завршат обуката. Работодавачот има право на субвенција за првите 3 месеци во висина од 17.000 денари. Работодавачот по истекот на времетраење на субвенцијата, треба да го задржи лицето на работно место уште најмалку 6 месеци под истите услови за работа.

Доколку за време на обуката се вклучи лице со посебни потреби, општината е должна да обезбеди транспорт за лицето до местото на обука. Во случај работодавачот да одлучи да вработи лице со посебни потреби во тој случај ќе добие дополнителни средства за адаптација на работното место, транспорт до работното место, подготовка за реализација на работните задачи. Исто така субвенцијата за вработеното лице во висина од 17.000 денари би можел да ја користи во период од 6 месеци, при што работодавачот треба да го задржи лицето на работно место уште најмалку 6 месеци под истите услови за работа.

Заинтересираните невработени лица за учество во пилот Програмата можат да аплицираат до 28.02.2018, односно се до исполнување на предвидениот опфат на корисници.

Пријавата за апликација треба да се поднесе во работните клубови во центртите за вработување секој работен ден од 8:30 – 14:30ч. Апликациониот формулар е достапен на  веб страницата на АВРМ www.avrm.gov.mk.