Авиолинија Скопје – Атина, бараат бизнисмените од Македонија и Грција

Воведување директна авиолинија Скопје – Атина за интензивирање на деловните односи меѓу Македонија и Грција, бараат стопанствениците од двете земји. Тие се залагаат и за заеднички настап на трети пазари, како и за заедничко реализирање проекти од ЕУ-фондовите.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК), соработката меѓу македонските и грчките компании засега е одлична и без какви било проблеми, а најголем потенцијал за унапредување има во градежништвото, агробизнисот, преработката на овошје и зеленчук,…

– Како соседни земји, потенцијалите за соработка се големи. Веќе имаме воспоставено добри економски односи со голем потенцијал за надоградување. Грција е една од петте најзначајни трговски партнери на Македонија со најголеми инвестиции во банкарството, нафтената индустрија, трговијата и текстилот, рече претседателот на Индустриска комора на Македонија при ССК Сотир Ампов.

Минатата година, додаде, е остварена трговска размена од 598 милиони евра, од кои 148 милиони извоз и 450 милиони увоз. Македонија засега најмногу извезува земјоделски култури во Грција.

Одговорајќи на новинарски прашања, Ампов информира дека голем број грчки фирми од областа на текстилот ги затвораат своите претставништва во Македонија поради финансиски проблеми во Грција. Тоа значи и намалување на бројот вработувања иако голем дел од работниците кои ќе останат без работа потоа брзо се префрлаат или наоѓаат ангажман во фирми од некоја друга индустрија.

На прес-конференцијата, извршниот директор на ССК Александар Зарков соопшти дека на покана на грчките министерства за рурален развој и храна и за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, учествувал на првата тркалезна маса за интегрирана програма и меѓурегионална иницијатива за одржлив развој на Балканот што се одржа во Кожани, Грција, каде посебен акцент бил ставен токму на агробизнис секторот и на имплементацијата на најсовремените дигитални технологии во земјоделството. Една од пораките била, нагласи Зарков, да се формира т.н. ГеоБалкан иницијатива за имплементирање правилни аграрни политики во насока на одржлив развој на земјоделството.

– Како резултат на соработката на ССК со Грчката интернационална бизнис асоцијација, беше потпишан првиот билатерален Договор за споработка и вмрежување на бизнисмените од двете земји, подвлече Зарков.