Арсовски: Владата одлучува против ДИК во Министерството за труд и социјала

Оливер Спасовски и Мила Царовска непосредно пред да ја разрешат од небулозни причини министерката Рашела Мизрахи креираа хаос во Министерството за труд и социјала, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој рече дека формалните решенија и овластувања за одредени лица во рамките на кабинетот и Министерството што ги потпишала Мизрахи биле испратени до ДИК да се произнесат дали овие решенија и акти  што се потпишани од министерката се од интерес на организација на изборите и се потребни врзан потпис од страна на заменик-министер и техничкиот министер или не се потребни.

„ДИК  донесе едногласни одлуки дека овие акти  што ги потпишала министерката Мизрахи не се предмет од интерес за организација на изборите и за нив се произнесе дека не е потребен потпис од заменик-министер на СДСМ, што значи дека треба да се почитува само едниот потпис што го ставила на актите министерката Мизрахи.
Знаејќи го сето ова, СДСМ на седница на Влада, која беше свикана еден ден потоа откако се произнесе со одлука на ДИК, на 15.2, во саботата, Оливер Спасовски и Мила Царовска ги поништија сите овие прераспределувања и овластувања и со тоа извршија противзаконско дело не почитувајќи ја одлуката на ДИК“, рече Арсовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, очигледни се тенденциите и стравот на СДСМ, каде што, наместо да обезбедат миниум услови за фер избори во техничката Влада, не обезбедуваат ниту минимум услови за работа на оваа техничка Влада.