Априлијада за денот на шегата - проверете каква забава ќе има на плоштад

По повод Денот на шегата 1 Април, на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Априлијада – Скопје се смее“. Во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје претпладне од 11 часот ќе биде организирана забава за деца од градинките и од основните училишта.

Ќе настапи фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“, „Златно славејче“ и танцови групи од основните училишта. Годинашната „Априлијада“ ќе ја отвори градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Вечер од 21 часот, пак, на плоштадот ќе има ноќна забава и маскенбал, со настап на музичари, како Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Сашо Гигов-Гиш, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу, Биљана Дабеска, групата „The Noise Makers“, етнобендот Пиреја, а на крајот посетителите ќе ги забавува диџеј.

Општина  Центар за Денот на шегата во Младинскиот културен центар ќе организира фестивал „Во светот на насмевките“ со учество на деца од градинките во општината.

Комични арии, увертири, дуети и хорски нумери најави Македонската опера и балет која вечер организра „Стендап опера со Андреј“. Режисер е Цветан Стојановски, диригент Андреј Наунов, ќе настапат солисти, оркестарот и хорот на МОБ.

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ вечер ќе додели награда за најдобра „Јавна маска на 2016“ изработена по принципот „Направи сам“. Во просториите на Центарот ќе биде организирана забава со музика и дружење.

Во трговскиот центар „Скопје Сити мол“ денеска ќе има дефиле на маски на ученици од основните училишта, забава со музика и учество на диџеи од популарни скопски радија.