Апартманите во бугарското зимско одморалиште Банско, една од омилените дестинации за зимување на Македонците, се продаваат по цена од 250 евра за квадратен метар.

Падот на вредноста се должи на желбата на сопствениците на куќи од Велика Британија за да ги продадат своите имоти, за да се спасат од високите давачки за земените банкарски кредити, пишува бугарски „Денес“. 

Становите во големите комплекси во зимското одморалиште Банско, главно се во сопственост на Руси и на Англичани. И додека Русите го задржуваат својот имот и многу често доаѓаат во Бугарија да се одморат во Банско, Англичаните масовно ги нудат своите имоти на пазарот. Главната причина се високите каматни стапки и за да се спасат од банкрот, тие се одлучуваат да продаваат по ниски цени.

Цената за квадрат зависи од моменталната одлука на сопственикот дали сака да го продаде веднаш, а има случаи и кога попустите изнесуваат од 50 до 60 отсто од вредноста на станот. 

Паралелно, агенциите за недвижности забележуваат и зголемен интерес на пазарот за купување напуштени хотели во одморалиштето.