Антички војници, комити и партизани од денеска пак ќе го чуваат „Скопје 2014“

Туристичката стража не е меѓу проектите кои ќе бидат стопирани поради истечените градоначалнички мандати. Од денеска, покрај спомениците од проектот „Скопје 2014“ се враќаат антички војници, партизани и комити.

Ружа Ѓорѓеска, директорка на Детски културен центар Карпош, организатор на туристичката стража, вели дека годинава има неколку измени во проектот, пишува СДК.

„Туристичката стража годинава ќе има двојно помалку членови во однос на лани, 12 се вкупно, а меѓу нив има средношколци и студенти. Дел од нив веќе биле дел од стражата и се јавиле и на годинашниот оглас, а за оние кои се нови предвидена е обука. Тие треба да ги знаат сите периоди од македонската историја претставени низ спомениците. Имаме и некои измени во гардеробата, посебно во фустаните на девојките кои го претставуваат античкиот период. Тие се различни од лани, со нови украси работени по записите од тоа време“, вели директорката Ѓорѓеска.

Освен бројот на учесници во стражата, преполовен е и годинашниот буџет за оваа намена.

„Имаме околу 500.000 денари со кои треба да се покријат трошоците за сите четири месеци. И тој е на пола од ланскиот. Тука влегуваат трошоците за обновата на облеката како и за надоместокот што го примаат стражарите како и едно лице кое им врши контрола“, вели Ѓорѓеска.

Оваа година скратено ќе биде и работното време на стражарите. Тие ќе имаат обврска да им стојат на располагање на туристите во период од 10 до 14 часот. Навечер нема да се појавуваат бидејќи искуството покажало дека нема интерес за Туристичката стража.