Анима Мунди и 11 здруженија за заштита на животните испратија барања до кандидатите за градоначалник

Анима Мунди заедно со 11 здруженија за заштита на животните испратија барања до кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, кои очекуваат да бидат имплементирани во првата година од доделениот мандат.

„Бараме за решавање на проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња, општината, односно кандидатот за градоначалник на секоја партија, ќе се обврзе да применува исклучиво стратегијата на масовна стерилизација (во светот позната како „залови – стерилизирај – врати“) како и бесплатна вакцинација, бесплатно микрочипирање.

Во спроведувањето на програмата ја сметаме за нужна соработка со сите здруженија за заштита на животните.Бараме градоначалниците јавно да се обврзат дека ќе овозможат учество на здруженијата ВО РАКОВОДЕЊЕТО на стационарите, со што ќе се гарантира хуманоста кон животните, максимална транспарентност и доследност во спроведувањето на Програмата

Во недостиг на соодветна инфраструктура усогласена со стандардите Правилникот за создавање на транзитен центар, или профатилиште бараме примена на алтернатива – ваучер систем за бесплатна стерилизација во домен на одредена општина или регион. Тоа би подразбирало ангажирање на сите ветеринарни станици на ниво на локалната самоуправа или пошироко и дистрибуција на одреден број ваучери за стерилизација во сите ветеринарни станици, за вршење на бесплатни оперативни интервенции. Трошоците за интервенцијата, престојот на животните е на товар на единицата на локална самоуправа. Ваквиот тип на практика, по пат на ваучери за стерилизација е најбрз и најлесен за имплементација – отколку да се чека на изградба на соодветен транзитен центар, азил или прифатилиште

Ургентно востановување на Забрана за за движење на влечни коли со коњи во урбани средини во рамки на Одлуки за комунален ред на ЕЛС со што ќе се оневозможи злоупотребата на коњите на територијата на општината и обезбеди поголема безбедност на граѓаните во сообраќајот!

Општината да промовира хуманост кон животните и одговорно сопствеништво преку едукација, позитивни кампањи , субвенционирање бесплатна стерилизација на миленици, а во соработка со здруженијата за заштита на животи и засегнатите граѓани. Создавање механизми за санкција на насилството врз животните, пред се масовните труења на животни и механизми за превенција во насока на сузбивање на истите“, се наведува во барањата.