Ангеловска: Реформата на јавните финансии се интензивира

 Примената на реформите на управувањето со јавните финансии ќе биде координирана со реформата на јавната администрација и ќе се продолжи со редовен, инклузивен и транспарентен дијалог со сите засегнати страни, заклучиле учесниците на Четвртиот дијалог за реформи во управување со јавните финансии што се одржа денеска во Министерството за финансии.

На состанокот, со којшто претседаваше министерката за финансии Нина Ангеловска, е истакнато дека реформата на јавните финансии се интензивира, а до крајот на  годинава се очекува да се финализира новиот закон за буџети.  Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии се спроведува втора година. Таа вклучува активности насочени кон подобрување на законодавството во повеќе основни области: планирање и буџетирање, јавни набавки, јавна внатрешна финансиска контрола, управување со јавниот долг и финансиска инспекција во јавниот сектор. Паралелно со подготовката на регулатива се работи и на јакнење на капацитетите на институциите.

 – Дел од амбициозната агенда опфатена со програмата за реформи е и интегрираниот информациски систем за управување со финансиите кој ќе овозможи подобро следење и извршување на сите фази на јавното трошење на буџетските корисници  – од набавка до исплата. Процесот е во завршна фаза на мапирање и креирањето на техничката документација се очекува до крајот на 2019 година, рекла Ангеловска, соопшти Министерството за финансии.

На средбата, на којашто се разгледуваше реализацијата на Програмата за реформи во јавните финансии присуствуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, заменик министерката за финансии Ширет Елези, како и директорите на Управата за јавни приходи, државните заводи за ревизија и за статистика, експерти, претставници од релевантни институции и од невладиниот сектор.

Министерката Ангеловска истакнала дека реформата е голем предизвик за Владата за поголема транспарентност и ефикасност на работењето на сите буџетски корисници. – Ваквата амбициозна агенда повикува на здружени напори, усогласеност на ставовите на сите засегнати страни, еден сеопфатен пристап и силна посветеност и заедничка визија. Посветени сме да продолжиме со уште посилно темпо со цел имплементација на предвидените активности, оценила министерката за финансии.

Освен на страната на планирањето, со законот се подобрува и следењето на извршувањето на буџетот преку воведување фискални правила и формирање фискален совет. Во тек е подготовка и на закон за јавна внатрешна финансиска контрола со којшто ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управување со јавните средства од страна на институциите.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, пак, ја поздравил посветеноста и заложбата на Владата за  примена на програмата за реформа на управувањето со јавните финансии. Поздравени се и активностите за подобрувањето на системот на јавните финансии во земјава, односно квалитетот и отчетноста во менаџирањето на државните пари.

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 е прва сеопфатна стратегија од областа на управувањето со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за реализација на седум цели, меѓу кои, подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции и унапредување на процесот на планирање и буџетирање. Воедно и за подобрување на извршувањето на Буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.