Ангелковски, човекот кој го кроеше модерното лице на градот

Доколку сте скопјанец со сигурност знаете каде се наоѓа познатиот кројачки салон „Ангелковски“. Дуќанот на оваа локација е отворен во 1964 по земјотресот, а големиот мајстор Благоја Ангелковски овде ги имал поставено стандардите за шиење костим по мерка.

Тој е човекот кој од 1950-та година ги поставуваше стандардите за совршен крој, за современ костум сошиен по мерка, човекот кој го кроеше модерното лице на градот.

-Многу од моите муштерии веќе и сум ги заборавил, но првите не се забораваат никогаш. Се сеќавам дека шиев за учесниците на првиот Скопски фестивал, Мијалковски, Јане Коџобашија, Зоран Георгиев, речиси сите пејачи и композитори. Многумина од постарите актери беа мои муштерии – Петре Прличко, Ристо Шишков… Подоцна дојдоа политичарите и дипломатите, првиот претседател на Македонија г-динот Киро Глигоров, германскиот, холандскиот, бугарскиот, италијанскиот амбасадор, според муштериите чувствувам дека сум се докажал, дека ме ценат, ме знаат дури и во странство. Знаете, странците никогаш не доаѓаат случајно, преку нивните соработници од овде секогаш одлично се информирани кој е најдобар кројач, бербер или автомеханичар во градов, изјави во едно свое интервју познатиот кројач Ангелковски.