Анализа: Скопје до 2050 година ќе биде потопло за 6,9 степени

Скопје до 2050 година ќе биде потопло за 6,9 Целзиусови степени во најтоплиот месец од годината и ќе има просечен годишен пораст на температурите од 2,4 степени. Лондон ќе има клима слична на денешната во Барселона, во Мадрид ќе биде како во Маракеш, а во Стокхолм како во Будимпешта.

Ова е заклучокот на едно ново истражување за можното влијание на климатските промени низ светот, при што се вели дека градовите кои сега се во умерени или во ладни зони во северната хемисфера ќе личат на градови што се наоѓаат на 1.000 километри од екватор, што погубно ќе влијае на здравјето и на инфраструктурата.

Истражувачите направија интерактивна мапа на стотици градови и нивни двојници во 2050 година, при што Москва ќе ја добие климата на Софија, а Њујорк ќе стане како Вирџинија Бич. Скопје 2050 е споредено со Остин, главниот град на Тексас, додека во Приштина ќе биде како во сегашно Скопје. Според овие проценки, на глобално ниво, најголем пораст на температурите, од осум степени, ќе има во Љубљана.

Недостигот на вода ќе погоди голем број градови кои сега имаат умерена клима, што е последица на глобалното затоплување, што во Европа ќе ги покачи температурите за 3,5 степени во лето, осносно за 4,7 степени во зима.

Осум од десет градови ќе почувствуваат драматични промени, според истражувањето на „Plos One“, кое опфати 520 големи градови. До 2050 година, една петина од светските градови, вклучувајќи ги Џакарта, Сингапур и Куала Лумпур, ќе искусат услови какви што моментално нема во ниеден голем град на светот.

„Ова досега невидено ниво на промена ме шокираше. Тоа значи дека ќе има нови политички и инфраструктурни предизвици со какви што не сме се соочиле досега. Ние дефинитивно не сме подготвени за ова и колку побрзо почнеме да реагираме, помало ќе биде влијанието на климатските промени“, вели Том Кровтер, основачот на „Кровтер леб“ од Швајцарија, што го водеше истражувањето.