Анализа: Младите најчести жртви во сообраќајките

Шеесет и две илјади млади лица загинале од 2004 до 2013 година во сообраќајни несреќи во Европската унија. Клучен фактор е ризичното однесувае на младите во сообраќајот, а најчесто сообраќајките се случуваат во летниот период.

Во Македонија во првите шест месеци загинале 68 лица во сообраќајки

Во земјава според податоците од Минситерството за внатрешни работи во јули загинале вкупно 17 лица во сообраќајка, чиј број на патиштата низ Македонија изнесувал 17.

За првите шест месеци статистиката покажува дека на патиштата во земјава се случиле вкупно 1795 сообраќајки во кои загинале 68 лица, а настрадале 2875 лица.

Во регионот на Скопје се случиле најмногу сообраќајки со потешки последици 852 во кои загинале 20 лица, во реонот што го покрива СВР Битола се случиле 167 сообраќајки во кои загинале осум лица, во СВР Велес во 242 сообраќајки загинале четири лица, во СВР Куманово во 151 сообраќајки загинале три лица, во СВР Охрид во 87 сообраќајки загинале шест лица, во СВР Струмица во 102 сообраќајки загинале девет лица, во СВР Тетово во 205 сообраќајки загинале 11 лица и во реонот на СВр Штип во 93 сообраќајки загинале шест лица.

Во летните месеци зголемен процент на загинати млади во сообраќајки

Според истражувањето направено од страна на компанијата Форд, во која се опфатени 6.500 млади лица возачи во Европа, покажува дека младите од 18 до 24 години опфаќаат осум проценти од вкупната популација во Европа, но 15 отсто загинуваат во сообраќајни несреќи. Поизразен е пробелмот преку летото кога процентот на загинати млади лица достигнува 21 отсто од вкупниот број починати лица на патиштата.

Истражувањето направено со цел подобро да се разберат ризиците кои предизвикуваат сообраќајни несреќи, покажува дека 57 отсто од сообраќајните несреќи се случуваат поради несоодветна брзина, 43 отсто возачи пишувале пораки додека возеле, 36 отсто од возачите се јавувале на телефон или разменувале инстант пораки, 16 отсто не биле врзани со сигурносен појас, 13 отсто пиеле и возеле и 11 отсто гледале видео или ТВ на своите уреди додека возеле. Исто така, еден од четири млади возачи правеле селфи додека биле на воланот.

Патувањата, фестивалите и плажата се атракции во лето. Истражувањето покажува дека 68 проценти од младите се порелаксирани при нивното возење во летните месеци и на речиси 54 отсто, вниманието им го привлекуваат атрактивни пешаци. Од овие испитаници, 45 отсто признале дека би возеле преполна кола со пријатели, 25 отсто би прифатиле превоз со некој што го познаваат иако пиел и 24 отсто би возеле после конзумација на дрога. Вкупно 41 отсто веруваат дека, понекогаш, има добра причина да преземат ризик додека возат, 26 отсто имале сообраќајна несреќа и 20 отсто биле сопрени од полиција.

Податоците покажуваат дека веројатноста млади мажи да го изгубат вниманието поради атрактивни пешаци е три пати поголема отколку младите жени. 25 проценти  мажи биле сопрени од полиција во однос на 16 отсто жени и поголема е веројатноста мажите да брзаат, да користат мобилни телефони или да возат под дејство на алкохол.

Околу 57 отсто од младите возачи признаваат дека возат побезбедно кога во автомобилот има родители или баби и дедовци наспроти 41 процент од испитаниците кои рекле дека преземаат повеќе ризици кога се возат со свои пријатели. „Форд“ креираше измислено видео за да ги покаже предностите на „Надуените“. Овој измислен продукт е возрасна кукла на надувување, програмирана да се надува во момент кога младите се невнимателни позади воланот и служи како потсетник за ДСФЛ програмата.

- Летото е одлично време младите да ја уживаат слободата на возењето, која зазема голем дел од идејата да се биде млад денес во однос на претходните генерации. Но, премногу млади лица умираат во сообраќајни несреќи комбинирани од неискуство и лошо донесени одлуки, вели Џим Греам, менаџер на Форд ДСФЛ и додава дека е суштински важно да се најде вистински начин и да им се пристапи на младите лица со овие важни пораки.

Вкупно 93 проценти од испитаниците сметале дека имаат одлични возачки вештини, но 54 проценти признаваат дека не се толку безбедни колку што треба да бидат додека возат.

Компанијата Форд нуди бесплатни тренинзи за младите возачи насловено како Форд возачки вештини за живот (Форд Дривинг Скиллс фор Лифе (ДСФЛ). Во Европа, до крајот на 2016 година, програмата ќе опфати повеќе од 20.000 возачи низ 13 држави - Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Полска, Романија, Русија, Шпанија, Турција и Обединетото Кралство. Програмата Форд ДСФЛ нуди препознавање на ризици, управување со возило, менаџирање со брзина и простор, ризици предизвикани од пиење и возење, возење после земање на наркотици и правење селфи.

Анализа: Сузи Котева-Стоименова / МИА