Ги подготвуваат за борба така што им даваат стероиди на кучињата, ги чуваат во подрум без светлина, ги претвораат во крволочни убијци и на крај ги пуштаат на улица помеѓу луѓе.

По нападот на ротфајлерот кој повреди неколку граѓани меѓу кои и деца, во јавноста како и на социјалните мрежи се отвори голема дискусија за тоа кој е виновен за агресивното однесување на некои од кучињата. Ваквиот немил настан ги “охрабри“ оние со малку чувства во нив, па веднаш посегнаа по отров кој го шират низ целиот град, не сфаќајки дека на тој начин ниту го решаваат проблемот, туку единствено го продлабочуваат, а истовремено наши деца шетаат низ истите тие паркови каде е расфрлан отровот. За да се најде решение за целиот овој проблем, потребно е да се пронајде коренот на проблемот, кој за жал е далеку подлабок и потребно е системско решение во кое ќе учествуваат повеќе инволвирани страни страни кои со своето неделување допринеле за ваквите случувања.

Пред се, мора да им се појасни на поголемиот број на граѓани на кој кучињата стануваат крволочни убијци и се тоа благодарение на човекот. Можеби не сакаме да признаеме, но борбите се кучиња се нешто што постојано се случува кај нас и каде на нелегален начин се остварува профит. Откако ќе успеат да ги направат крволочни животни тие ги пуштаат во борба, а секако откако ќе изгубат интерес за тоа куче го пуштаат на улица и земаат ново кое поминува низ истата процедура. Злоупотребата најчесто се случува со расите питбул и ротфајлер, а оние кои се занимаваат со борби, на кучињата им даваат стероиди истите кои ги користат билдерите, потоа ги ставаат во подруми каде ги држат еден месец без светлина, а им даваат и живо месо. После целиот тој “третман“ кучето е збудалено и претворено во крволочен убиец багодарение на ЧОВЕКОТ. Па замислете го теророт низ кој поминало тоа куче и најстрашното од се, на крај пуштено на улица помеѓу луѓе.

На социјалните мрежи постојано се објавуваат слики од борби со кучиња, добро се познати локациите во главниот град, но и во останатите градови низ државата. Сепак, никој не реагира за да ги спречи борбите, МВР спие и најчесто нема ниту слушнато за борбите помеѓу кучињата. Чудно.

Законот со кои се уредуваат правата на животните е јасен кога се во прашање борбите со кучиња. Имено, членот 4, став 3 укажува дека е забрането вклучување, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување, организирање на обложување и обложување меѓу животните за било какви намери. Доколку не се почитува овој член од Законот, според истиот, парична казна може да се изрече само на правно лице. Според членот 67 се одредува глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност, доколку не биде почитуван членот 4.

Треба да е јасно дека кучињата се тие кои се злоупотребени за обложување и остварување профит од стрна на луѓето, а потоа фрлени како стара крпа на улиците. Редно време е надлежните органи да делуваат и да ги спречат борбите помеѓу кучињата, кривично да одговараат сите тие кои се вмешани во тој нелегален, но расцветан бизнис. Од друга страна пак, да се воведе некој ред и да се има белешка кој се чува куче, истото да има чип за да може полесно да се најде газдата кој е одговорен за него, но ова да се примени во пракса не само на хартија. Газдата е потребно да се обврзе дека миленикот ќе го чува, а доколку стигне пријава да се провери сопственикот дали го злоупотребува кучето и доколку се утврди злоупотреба да одговара кривично.

И да не заборавам, истите оние кои го расфрлаат отровот низ градот е потребно да одговараат кривично, бидејќи и тие на некој начин се убијци.

Е кога се ова ќе се воведе во пракса, ќе ги заборавиме немилите настани и нападите од кучиња!