Анализа: Дали постои можност за земјотрес предизвикан од поплавата во Скопје?!

Катастрофалната поплава која практично го потопи Скопје не е прва со која овој град се сретнува низ историјата. Повозрасните скопјани се уште се сеќаваат на стравотиите кои се случија по обилните дождови на почетокот на ноември 1962 година кога под вода биле околу 5000 куќи.

Поплавата, за многумина, беше предвесник на една поголема трагедија неколку месеци подоцна. На 26 јули 1963 година во 5:17 часот Скопје беше разурнато од земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата, односно 6,1 според Рихтеровата скала. Токму затоа, невремето проследено со поројни врнежи, силен ветер и многубројни електрични празнења кое пред два дена не само што поплави делови од градот, туку одзеде и човечки животи, за многумина е предвесник на уште една голема катастрофа. Но, има ли поврзаност меѓу овие две природни непогоди и дали за неколку месеци би можело да затресе земјотрес со исто толку катастрофални последици како во 1963 година? „Вечер“ одговорот го побара од директорот на Институт за земјотресно инженерство д­р Михаил Гаревски.

Тој, во изјава за “Вечер” тврди дека нема поврзаност меѓу поплавите и земјотресите, а дека настаните од 62 и 63 година се случајна коинциденција. ­

-Никако не може да се очекува дека после овие поплави ќе се случи земјотрес со големи магнитуди, каков што бил во 1963 година, бидејќи таа појава не беше поврзана со поплавите неколку месеци претходно. Тој земјотрес е поврзан со активниот сеизмички расед кој е карактеристичен за Скопскиот регион. Поплавите не можат да го активираат овој расед бидејќи влијанието од атмосферските води не е големо. Токму поради тоа,поврзаноста меѓу овие две појави е неспоива- појаснува Гаревски. Тој вели дека понекогаш, кога се формираат нови вештачки езера, какво што е езерото Козјак, можна е појава на микротремори, односно потреси со слаби магнитуди кои се движат околу 2,3 степени. ­

-Можност за земјотрес постои секогаш, но не предизвикан од поплави. Тоа се објаснува со фактот што поплавите се површински и немаат голема тежина, а тектонските земјотреси се јавуваат најплитко на 10 километри. Водата дотаму не може да продре и да предизвика некаква реакција- вели првиот човек на ИЗИИС. На прашањето дали можеме да очекуваме силен земјотрес сличен на оној од 1963­та, Гаревски одговара потврдно, но кога, не може никој да предвиди.

-Сеизмологијата во моментов, а можеби и никогаш не може да го одреди точно времето на случувањето на земјотресите. Науката се уште не е стигната на такво ниво за да ги предвиди – вели Гаревски. Тој уште еднаш потврди дека поплавите не можат да предизвикаат земјотреси. ­Многу е поверојатно земјотресите да предизвикаат поплави, додава Гаревски и вели дека дури и да се случат некои микропотреси, тие сигурно нема да бидат во никаква корелација со врнежите.