Амбасадата на САД бара идеи за решеавање на загадувањето во Скопје, руската ѝ понуди решение

Загаденоста на воздухот во Скопје која во средата и четвртокот ги урива сите светски рекорди, предизвика и доза загриженост кај американската амбасада во Република Македонија која преку официјалниот твитер профил побара предлози за решение на проблемот, а нивните колеги од руската амбасада веднаш одговорија со предлог – гасоводот Турски тек.

„Загадувањето на воздухот во Скопје беше толку големо што едвај можеше да се види амбасадата! Кои се вашите идеи за почист воздух во Македонија?“ напишаа од Амбасадата на САД на „Твитер“.

Руската амбасада, исто така, преку нивниот твитер профил одговорија на повикот на американската амбасада со предлог за долгорочно и одржливо прочистување на воздухот во Скопје.

„Бидејќи нашите пријатели од Амбасадата на САД бараат идеи за загадувањето на воздухот во Скопје, би сакале да им го предложиме следново решение”, стои во натписот на официјалниот твитер профил на Руската амбасада во земјава, на која се гледа скица од планираниот гасовод „Турски Тек” кој според првичните планови треба да поминува низ Македонија.

И вчеравечер загадувањето е високо во речиси сите населби. Концентрацијата на штетните ПМ 10-честичките во одделни скопски општини е 6 пати над дозволениот праг од 50 мигрограми на кубен метар воздух.

Мерните станици покажуваат дека највисока загаденост има регистрирано кај Ректоратот со 610 микрограми ПМ-честитчки на кубен метар. Потоа следува Карпош со 563 микгрограми ПМ-10 честички на кубен метар, па Гази Баба со 562 и Лисиче со 455 микгрограми ПМ 10-честички на кубен метар.

Скопје вчера беше најзагаден град во светот.