АЛО, БРЗА ПОМОШ? Ме боли стомакот, добив циклус, не можам да спијам

Брзо дојдете сварете ми чај, дајте ми апче за главоболка, ми се качи притисокот... добив зголемена температура, уфф - ме боли стомакот - добив циклус, не можам да спијам, ве молам брзо дојдете, дајте ми инјекција... И за овие состојби некои од граѓаните се јавуваат на 194 и, за жал, ги одземаат драгоцените минути на службата, која треба да спасува лица кои ќе се најдат во животно-загрозувачки состојби во кои неретко и секунди решаваат дали некој ќе преживее.

- Ало, брза помош, добив пролив и не ми е добро, а скарана сум со домашните, па дојдете брзо нема кој да ми свари ниту чај - убедуваше женскиот глас од другата страна на телефонот додека д-р Маргарита Трипуновска, објаснуваше дека за вакви ситуации не се праќа екипа на брза помош. Но таа упорно настојуваше некој да дојде.

- Ни се јавуваат и среде ноќ кога не можат да заспијат - дојдете само боцнете ме! Или бараат да интервенираме и за болки при менструален циклус или при проливи како денеска, а ова е, пред се, служба за случаи кога е загрозен животот, раскажува д-р Трипуновска, која 15 години е лекар во брза помош.

- Граѓаните треба да се трпеливи, пред се, и да одговараат прецизно на прашањата што им ги поставуваме. А не веднаш кога ни се јавуваат - во паника ги кажуваат адресата и телефонот и велат „побрзо дојдете“. Знаеме дека од аспект на болниот се може да биде итно! Но ние мора да ги селектираме повиците и затоа прашуваме за симптомите, возраста, што некогаш погрешно се разбира. На поканите од прв ред мора да одговориме и затоа не треба да се губи време на зголемена температура, за лесно зголемен крвен притисок, за главоболка. А ризикот од проценката е наш - ако не проценам добро каде да пратам, а каде не екипа, јас одговарам за тоа. А најтешко ни е за пациент што ќе остане дома, откако сме му укажале помош или сме му дале совет по телефон. Го мислиме постојано - вели д-р Љупчо Пајковски, кој има 30-годишно работно искуство во оваа служба. 

Извор: Дневник (архива)