Александар Атанасов: Инвестициите и добрата услуга се наш врвен приоритет

Во март мината година на директорската позиција во Водовод и Канализација дојде човек кој за кратко време создаде слика на човек кој секојдневно работи со цел ова градско претпријатие да понуди најквалитетна услуга за граѓаните. За ова говорат проектите кои беа реализирани во 2015 година и плановите за оваа година.

За теми поврзани со работата на ова претпријатие, за водата која скопјани за пијат и за плановите во годината која е пред нас во годишно интервју разговараме со Александар Атанасов, Директор на ЈП Водовод и Канализација.

Скопје Инфо: Ја превзедовте директорската функција на ЈП “Водовод и канализација”, како се снајдовте во новиот предизвик?

Мислам дека за една година, заедно со мојот менаџерски тим видливо ја подобривме ситуацијата во работењето на претпријатието. Промовиравме многу новини и проекти, подобривме некои состојби, за кои малку кои веруваа дека може да се подобрат и за кои ќе говорам понатаму во интервјуто. Мојата цел и приоритети кога ја превзедов оваа функција, беа остварување на долгорочните развојни цели на претпријатието, преку долгорочно планирање на сите фактори кои влијаат на работењето на претпријатието и поефикасно организирање на оперативните работи, во соработка со градот Скопје и општините на територијата на градот Скопје. Кон овие цели и приоритети и се придржував последната година, а секако на граѓаните останува да кажат дали се задоволни од резултатите.

Скопје Инфо: Реализиравте три нови проекти “Мој Инкасатор”, “Плати Брзо” и “Доставување на состојба на водомер”, како сте задоволни од реализирањето на истите и како беа прифатени од страна на граѓаните?

Сите три проекти кои ги промовиравме функционираат одлично и ние сме задоволни од од интересот на граѓаните да ги користат.

Проектите “Мој инкасатор” и “Доставување на состоба на водомер” до денес имаат неколку илјади апликации од  корисниците. Очекуваме со тек на време да бидат и многу повеќе. На нашата веб страна веќе има над 10 илјади регистрирани корисници и над 15 илјади посети месечно, што ја прави една од најпосетените за ваков вид на услуги во државата.

Проектот “Плати брзо” кој беше промовиран во исто време со другите два проекти, на стартот се одвива добро. Имаме задоволителен број на уплати од 30-те терминали кои беа поставени. Сепак овој начин на уплата е нов и потребно е малку време да се навикнат корисниците.

Скопје Инфо: Со што ја одбележа ЈП “Водовод” 2015 година?

Минатата година ја одбележавме со новите сметки во боја во кои вметнавме информација за граѓаните за нивната состојба, потоа трите големи проекти “Мој Инкасатор”, “Плати Брзо” и “Доставување на состојба на водомер”, со кои многу им олеснивме на граѓаните, а и на самите нас со реализацијата на истите, големите инвестиции во инфраструктурата и подобрување на мрежите во градот, зголемената наплата и предизвиците кои ги совладавме како што беа излегување на крај со надојдената вода и поројните дождови и исто така со сушните периоди кои ги надминавме.

Скопје Инфо: Кои инвестиции беа реализирани во инфраструктурата во текот на годината?

Имаше многу инвестиции во инфрастуктурата, би сакал да истакнам околу десетина кои беа нај барани од граѓаните, а ги реализиравме: Реконструкција на мрежата на ул. Скупи во Злокуќани, Почетокот на изградба на нов водовод во Општина Шуто Оризари во вредност од 3 милиони денари, Доградба и доповрзување на мрежата на ул. Радишанска, Реконструкција на мрежата на ул. Јордан Мијалков, Реконструкција на водоводна мрежа на улица 2 во Сарај кај Државното средно училиште, Поврзување на хидрофорот во н. Нерези во Општина Карпош, Реконструкција водоводна мрежа на ул. Сердарот трета фаза, во н. Драчево во Општина Кисела Вода, Нова водоводна мрежа на ул. Руди Чајевац, со кои се решава проблемот на граѓаните во новите згради и Реконструкција и замена на цевководот на мостот 8ми септември.

Скопје Инфо: До каде е изградбата на новата зграда?

Очекувам дека на крајот на март оваа година дека ќе биде готова новата управна зграда на ЈП "Водовод и канализација - Скопје". Градежните работи се одвиваат според предвидената динамика. Во моментов привршуваат градежните работи на фасадата, а според договорот со изведувачот, за четири месеци треба комплетно да се уреди и внатрешноста. Се надевам дека нема да има непредвидени работи и некаде кон крајот на март ќе се вселиме во новата зграда. На катовите ќе биде сместени службите, а во приземјето ќе бидат пунктовите за корисниците. Ќе има 15 шалтери и сакам да нагласам дека тоа е тројно повеќе од сегашните, при што многу побрзо и поефикасно граѓаните ќе можат да ги завршат работите на шалтерите.

Скопје Инфо: Скопје пие квалитетна и евтина вода, ќе може ли јавното претпријатие да ги задоволи потребите на граѓаните со оглед на тоа дека главниот град прерасна во метропола со се поголем број на жители?

Точно така, можам слободно да кажам дека квалитетот на водата во Скопје е на највисоко ниво, а во исто време вршиме и континуирани анализи на водата за пиење. Па така согласно правилникот за безбедност на водата за пиење бр.46 од 2008 година во Центарот за санитарна контрола се врши секојдневна контрола на квалитетот на водата согласно критериумите на истиот. Во согласност со критериумите пропишани со правилникот, анализите се изведуваат со користење на стандардни и акредитирани методи во акредитираните лаборатории на Центарот за санитарна контрола согласно критериумите на Законот за акредитација.

Според наведените прописи ние во одредени периоди во годината  извршуваме контролни анализи  на извориштата ( Изворот Рашче, Каптажата Рашче 2, како и бунарите во бунарското подрачје Лепенец и бунарското подрачје Нерези, кои се резервни изворишта во случај на потреба) во посебно проширен обем во кои се вклучени : радиолошки анализи, вирусилошки анализи, паразитолошки анализи, анализи на присуство на пестициди, анализи на тешки метали и токсиканти.

Согласно наведениот правилник анализите се изведуваат исклучиво во акредитирани лаборатории за соодветните анализи.

Барањето за изведување на анализите за кои нашите лаборатории не се акредитирани соглано законот се изведува по пат на јавен повик за кои се обезбедуваат бараните податоци.

Што се однесува на вториот дел од прашањето можам слободно да кажам дека ЈП Водовод и канализација – Скопје во овој момент може да ги  задоволи потребите на граѓаните. Во исто време би сакал да истакнам дека граѓаните треба да ја чуваат водата и да ја користат рационално, ние во повеќе наврати апелиравме, посебно во летниот период, да не се злоупотребува водата за пиење за наводнување зелени површини, бавчи итн.

Скопје Инфо: Какви поплаки добивате од граѓаните и во кои делови е потребно да се подобрат услугите?

Сакам да истакнам дека проектите Мој Инкасатор, Плати брзо и Доставување на состојба на водомер произлегоа токму по барањата и сугестиите кои ни пристигнуваа од граѓаните. Интеракцијата со граѓаните е нешто што нас не ни е непознато. Континуирано ги следиме нивните поплаки и конструктивни критики, по кои делуваме и се обидуваме да го најдеме надоброто решение за истите. Така е во моментов, така и планираме во иднина да работиме, во служба на граѓаните.

Скопје Инфо: Какви се плановите за 2016 година?

Во 2016-та година приоритет ни се реконструкциите на водоводната, атмосферската и канализационата мрежа, како и осовремување и обнова на дел од возниот парк, бидејќи истиот е дотраен.

Ќе набројам некои поголеми проекти во оваа насока:

Реконструкција и водовзамена на одни цевки (азбест-цементни и поцинковани). За осовременување на постоечката водоводна диструбитивна мрежа на потесната територија на градот во 2016 година ќе се продолжи со  динамиката на замена на постоечките азбест-цементни и поцинкувани цевки со употреба на квалитетни материјали, кои се отпорни на агресивноста на мрежата и влијанијата на динамичките удари со што ќе се намалат повредите на мрежата, а воедно и загубите на вода. Во текот на 2016 година се планира да бидат реконструирани 10 километри азбест-цементни и поцинковани цевки од постојната водоводна дистрибутивна мрежа.

Подобрување на водоснабдувањето во општина Шуто Оризари. Овој проект е еден од најважните капитални инфраструктурни проекти кој се реализира  во соработка со Градот Скопје и општината Шуто Оризари. Со овој проект е предвидена изградба на пумпна станица, нов потисен цевковод до постојните резервоари и изградба на нов резервоар. Со реализацијата на овој проект трајно ќе се реши водоснабдувањето на околу 40.000 жители.  

Се планира инвестициони вложувања за реконструкција и изградба на канализациона инфраструктура за 2016 година со проценета вредност  во износ од 20.000.000,00 мкд. 

Доизградба на два крака со Ф1200 мм L=485 м до изградениот колектор Ф1500 мм во населба Керамидница. Исто така планираме изградба на атмосверски колектор Ф=1200мм L=700m, како и реконструкција на препумпна станица за атмосверски води во Ново Лисиче.