Алармантно: Расте бројот на дебели деца во Македонија

Расте бројот на дебели деца во Македонија. Ова го покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје според евиденцијата од минатата година.

Направената анализа открива дека во споредба со 2010 година е зголемен бројот на дебели деца во државата. Поголем пораст е забележан кај девојчињата. Лани, Институтот за јавно здравје евидентирал дека над 15 проценти од женските деца во државата се дебели што е за два проценти поени повеќе во споредба со анализата направена пред шест години. Кај момчињата разликата е помала. Во 2010 година, 19,5 проценти од нив имале прекумерна телесна тежина, додека лани има зголемување од еден процент.

Следењето на дебелината кај децата се прави по препорака на Светската здравствена организација. Според правилникот на СЗО, се евидентира и бројот на деца со зголемена телесна тежина.

Оваа анализа открива дека момчињата се повеќе склони на дебелеење. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека над 39 проценти од машките деца во државата имаат телесна тежина која е поголема од предвидената за нивната возраст. Неколку килограми повеќе имаат и девојчињата. Близу 33 проценти од женските деца во земјава имаат зголемена телесна тежина.

Инаку проблемот со вишокот килограми го имаат и возрасните.63 проценти од мажите во државата имаат зголемена тежина а скоро 20 отсто од нив се дебели. Кај женската популација пак од зголемена телесна тежина страдаат 48 проценти, додека евидентирана дебелеина има меѓу 17 од жените во државата.

Според лекарите, дебелината и зголемената телесна тежина се најзначајни фактори за појава на срцеви заболувања. Се смета и дека овие луѓе имаат намален квалитет на живот и поголема можност за појава на болести.

Анализата на Институтот за јавно здравје, освен бројки нуди и решенија за проблемот.

Апелира до државните и локални власти да обезбедат здрава животна средина и инфраструктура за спортување на младите.