Алармантни податоци: Над 11 илјади основци и околу 5 000 средношколци имаат искривен рбет

Над 11 илјади основци и околу 5 000 средношколци имаат искривен рбет. Продолжува трендот на поразителни бројки од систематските прегледи на учениците.

Од посетата во школските диспанзери минатата година, тимовите констатирале дека е голем процентот на млади кои имаат лошо држење на телото а речиси секое десетто дете носи наочари за вид. 

Со рамно стопало се околу 10 000 ученици од основни училишта. Лекарите алармираат дека најзагрозени се децата од 10 до 15 години .

-Најзастапени се сколиози во петто одделение и тоа подеднакво и кај двата пола. За подоцна, пак, сколиозата е позастаепна кај женскиот пол а кај машките лондроза или подгрбавеност. Тој период од возраста е најризичен затоа што тогаш децата растат, односно, пубертетот почнува тој период, вели др. Соња Ралева, од школскиот диспанзер во Бит Пазар, во изјава за Сител.

Лекарите се разочарани што е мал процентот на родители кои сериозно ја сфаќаат работата и се случува кај ученик на кој во трето му утврдиле деформитет на градниот кош, истото да го има и на систематскиот преглед во петто одделение.

Стенд -По систематскиот преглед во оваа ординација, речиси секој трет ученик излегува со утврдена сколиоза, кифоза и или кратковидост и со препорака за понатамошен лекарски преглед.

Постојаното седење пред компјутер и телефон и немањето на физичка активност, според лекарите е погубно за здравствената состојба на децата. Дополнителен проблем се и тешките ранци како и лошото седење во школските клупи.

-Се апелира до родителите да се преземе нешто, но тоа да не биде краткорочно, бидејќи проблемите не доаѓаат за еден ден и не исчезнуваат за еден ден. Мора да се преземат системски мерки, поголем ангажман на родителите, но и наставниците во училиштата да бидат повеќе ангажирани, вели др. Ралева.

Покрај искривеноста на рбетот, голем број од младината има проблем и со гојазноста како и со кариесот кој е присутен кај 17 процвенти од основците.