Алармантни податоци: 600.000 возила нерегистрирани, осигурителниот сектор бара решенија

Осигурителните компании во Македонија преку Националното биро за осигурување најдоцна до почетокот на наредната година ќе предложат до Министерството за финансии и Комисијата за автомобилска одговорност на Владата системско решение за намалување на бројот на нерегистрирани возила и доведување на висината на нивниот процент од еден до два според европските стандарди.

Ова го потврдија од Националното биро за осигурување според кое проблемот со неосигурените возила е сериозен и е во спротивност со европските директиви кои предвидуваат бројот на возила кои од разни причини во законски рок од 30 дена може да се одјават треба да биде од еден до два процента.

Во земјава според статистиката на Министерството за внатрешни работи во текот на минатата година имало нерегистрирани 573.725 возила од кои на автомобилите отпаѓаат 407.089. На територија на градот Скопје, пак бројот на нерегестрирани возила изнесувал 201.737 од кои автомобили се 158.178.

Во земјава секое возила и еден ден по истекот на регистрацијата на возилото се третира како неосигурано, односно нерегистрирано и штетите предизвикани од такво возило се на терет на Гарантниот фонд на Националното биро за осигурување, односно на терет на фондовите на осигурителните компании. 

Осигурителните компании оценуваат дека драстично е зголемен бројот на неосигурани возила со одложување на времето на осигурување и регистрација, односно ткн. „купување време“. По овој основ податоците на Националното биро за осигурување покажуваат дека во 2016 во споредба со 2015 година не се обновени или неосигурани над 45.000 моторни и приклучни возила секој момент на патиштата.

- На патиштата во Република Македонија секојднево во сообраќај на патиштата учествуваат огромен број неосигурани, односно нерегистрирани и домашни, но и странски возила, што претставува сложен институционален, но и бизнис проблем. Државата не ги прибира таксите и другите пропишани давачки, голем број возила се возат подолг временски период без технички прегледи што директно влијае врз безбедноста на учесниците во сообраќајот и осигурителната индустрија која ги исплаќа штетите од неосигурените и непознати возила преку Гарантниот фонд во Националното биро за осигурување кое пак има огромни проблеми за наплата на регресите што согласно законот како право за регрес е само од сопствениците и возачите од неосигураните возила, изјави генералниот директор на Националното биро за осигурување Трајче Латиновски.

Тој додава дека сите штети предизвикани од страна на неосигурани и непознати возила се исплаќаат од страна на осигурителната индустрија, без притоа да биде наплатена каква било премија од сопствениците на тие возила. - Со ова, истакнува, осигурителната индустрија директно влијае на одржување на еден социјален систем на обесштетување на жртвите во сообраќајот.

Статистичките анализи покажуваат дека во просек годишно од страна на Гарантниот фонд се исплаќаат преку 2.000.000 евра за штети предизвикани од неосигурани и непознати возила и се резервираат штети преку 3,5 милиони евра.

Латиновски потеницира дека во изминатите 10 години се исплатени од страна на Гарантниот фонд преку 25 милиони евра, што, како што појаснува, дека е директен трошок за сите компании за неживотно осигурување.

- За целосно и реално перцепирање на проблемот со неосигурените возила, а во врска со наплатата на регресот треба да се истакне дека процентот на наплатата на регресните побарувања не надминува 20 проценти, вели Латиновски, посочувајќи дека реално осигурителниот бизнис има годишен губиток од околу 1,4 милиони евра или за десет години околу 14 милиони евра.

Ефектите од системското решавање на проблемот со неосигурани возила, спроед осигурителниот сектор, е задоволување на барањата, односно стандардите на Светска банка за намалување на процентот на неосигурани возила и негово приближување до европските проценти што се движат од еден до два процента, доведување до рамноправна положба на сите осигуреници бидејќи се работи за задолжително осигурување согласно закон, реални приходи од аспект на буџетот на државата, зголемен импакт на позитивно влијание на висината на премијата и можност за предистрибуирање на истата, намален притисок за исцрпување на фондовите во компаниите, намалување на бројот и висината на штетите во Гарантниот фонд и намалување на економско-финансиските трошоци за семејствата на регресните должници.

Регистрацијата и осигурувањето на возилото во Македонија е задолжително и пропишано со Законот за возила, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со подзаконски акти. Согласно Законот за задолжително осигурување на сообраќајот порпишува дека сопственикот на превозно средства е должен пред да го пушти превозното средство во сообраќај да склучи договор за задолжително осигурување со друштва за осигурување кое има дозвола за вршење работи на задолжително осигурување. Согласно овој закон од аспект на планирање на семејниот буџет сопствениците на моторните возила осигурениците можат да ги осигураат и регистрираат возилата 30 дена пред истекот на регистрацијата со тоа што не губат ништо бидејќи новата полиса започнува да важи по истек на претходната полиса.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата возило кое е е во сообраќај неосигурано и нерегистрирано ќе плати глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност на сопственост на возилото, а 100 евра за возачот кој го управува нерегистрираното и неосигурано возило.

Во последните пет години полицијата има изречено 179.423 превентивно репресивни мерки против возачи поради употреба на нерегистрирани возила. Глоби се изречени во 2254 случаи.