Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство соопшти дека активно превзема мерки за заштита на шумите од појава на пожарите.

Согласно Законот за шуми, по барање на ЈП Македонски шуми на 11 јули министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, стои во соопштението, даде согласност за делумна забрана за движење во шумата или во одделни нејзини делови, во период од 15 јули до 15 август. Оваа одлука од страна на МЗШВ, како што се наведува, е донесена пред да отпочне сезоната на шумските пожари.

Од Министерството информираат дека по активирањето на поголемиот број на шумски пожари низ целата територија на Република Македонија, Николовски на 5 август дал согласност за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови за периодот од 5 август до нејзино отповикување.

Владата во согласност со Законот за управување со кризи донесе одлука за постоење на кризна состојба заради превенција и справување со пожарите на подрачјата Македонски Брод и Чашка, од 5 август. Министерот Николовски согласно донесената владина одлука ги зајакна капацитетите на Државниот инспекторат за шумарство и ловство и му наложи покрај редовните контроли да изврши и вонредни контроли врз работата на ЈП Македонски шуми, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици на шуми, се посочува во соопштението.

По барање на Николовски, Шумската полиција, ги зајакнала контролите на терен, кога биле прогласени делумни и целосни забрани за движење во шума. Се евидентирале сите лица затекнати во шума и истовремено им укажувале за опасноста од појава на пожари.

Од Министерството посочуваат дека според Законот за шуми, субјектите кои стопанисуваат со шумите и сопствениците на шуми (односно ЈП Македонски шуми, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици), во зависност од степенот на загрозеност на шумата се должни да преземаат посебни мерки за заштита од пожари (правење просеки во шума, подигање на појаси од лисјарски видови дрвја во иглолисни шуми, поставување набљудувачници, организирање на набљудувачка, известувачка, противпожарна служба и слично).

Според истиот закон, правните и физичките лица кои преку вршење на својата дејност предизвикуваат шумски пожари се должни да ја надоместат штетата на субјектите кои стопанисуваат со шумите, како и сопствениците на шуми.

Посебните мерки за заштита на шумите од пожари (односно Правилникот за посебни мерки за заштита на шумите од пожари) ги пропишува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со Дирекцијата за заштита и спасување, во соработка со единицата на локалната самоуправа. ЈП Македонски шуми, националните паркови и сопствениците на приватни шуми, информираат од Министерството, имаат законска обврска да го спроведуваат Правилникот и имаат законска обврска за гаснење на шумските пожари во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување.

Сите ангажирани лица од наведените претпријатија даваат се од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за кои за дел од нив постои сомнеж дека се намерно подменати. Дополнително како Министерство ја зајакнавме комуникацијата со институциите во однос на навремено информирање на граѓаните. Владата на Република Македонија во иднина ќе се спореведе крупни реформи во системот за справување со кризи, стои во соопштението од Министерството.