Ако снема струја во новите згради, станарите ќе се смрзнат!

Многумина купувачи на нови станови се ставени во дилема дали станбеното прашање да си го решат во зграда во која нема изградено оџаци и нема радијатори за приклучок на централната топлификациона мрежа. Бидејќи, единствена опција за затоплување на станот би им биле клима-уреди или панели (радијатори) на сопствено греење. Со ваков проблем се соочуваат или ќе се соочат купувачите на половина од новите станови во Скопје.

“Откако го купивме станот со сопругот сфативме дека единствена опција за греење ни се панели или клима уред.Се соочив со проблем за кој не знам дали има пропишано одредени стандарди и нормативи при проектирањето на објекти за колективно домување. Имено, ме интересира дали воопшто постои некој некаков пропис во Македонија кој наложува да се предвиди и изведе оџак во станбена зграда? Дали “мора” да го има, или, дали тоа е оставено само на волја на проектантите, односно изведувачите”, се прашува Елена Темелковска.

Таа сепак се одлучила да го купи станот бидејќи, како што вели “цената била поволна”.

Токму фактот дека цената на станбениот квадрат ги продава становите е водилката на инвеститорите да нарачуваат згради што ќе бидат проектирани без оџаци и можност за централно греење.

Имено, на инвеститорите им е неисплатливо во новите згради да поставуваат радијатори за централно греење.

Освен што ја поскапуваат градбата со поставување на систем во целата зграда, туку и секоја зграда не е блиску до приклучок до градската топловодна мрежа, па потребни се дозволи и прекопувања, што исто така е трошок и ја зголемува цената на градењето. Подоцна може да се јави проблем да идните сопственици на становите да не сакаат да се приклучат на централното греење, а тоа инвеститорот во фазата на проектирање и градба не може да го знае. Затоа ние инвеститорите сме во сериозна дилема и најчесто, особено кога станува збор за изградба на згради во централното и во поширокото градско подрачје, дали да поставуваме радијатори за централно греење или, пак, радијатори за сопствено греење”, велат експертите и објаснуваат дека во новите згради не се градат со оџаци бидејќи никој во објектите за колективно домување веќе не се грее на дрва.

Инаку, за разлика од кај нас, каде поставувањето оџаци е оставено на волја на инвеститорите, во соседна Србија тоа е уредено со закон.

Освен тоа отстапки има и за задолжително поставување на помошни противпожарни скали за секоја зграда над шест ката.