Ако некогаш повторно се сретнеме...

Без оглед на тоа колку сме биле среќни или заљубени, сите некогаш сме имале или некогаш ќе имаме љубов која никогаш не се остварува онака како што ние посакуваме.

На оваа тема се напишани многу песни, приказни и книги, а оваа песна која можете да ја прочитате подолу е една од најубавите песни кои ги имаме прочитано во последно време...

Ако некогаш се сретнеме,
после многу години,
ќе ме препознаеш
по оној лудачки сјај во очите
секогаш кога си ми во близина,
по забрзаното дишење
и збеснатите отчукувања на пулсот
ќе ме препознаеш
по огнената боја на образот
и желбата која извира од секоја пора
ќе ме препознаеш без оглед на брчките
кои времето ќе ги остави
без оглед на несигурниот чекор
и чудната боја на мојата коса

Ако некогаш се сретнеме,
не бегај на другата страна на улицата,
не го сокривај погледот,
поттисни го чувството на вина,
затоа што ти не беше виновен,
не можеше да го запреш времето
и да ми ги подариш годините
кои повеќе ги немаше,
ниту јулските дождови
од кои растат сончогледите
на широките полиња...

Ако некогаш се сретнеме,
погледни ме без страв и срам
и не се изненадуваш што сѐ уште го пишува твоето име во моите очи,
затоа што не знаев да запишам ништо поубаво
во текот на овие години
во кои се немам поместено од место,
за илјада денови
за кои не знам
зошто сѐ уште ми стојат
во петите и струкот,
таму каде твојата рака
никогаш не ме допрела...

Ако некогаш се сретнеме,
Нека не те изненадува тоа што моите очи
ја добиле бојата на твоите очи
и тоа што моите прсти сѐ уште мирисаат на твојата кожа
која никогаш ја немам допрено
нека не те изненадува тоа што
ја немам таа насмевка
како на фотографијата која неснаодливо ја криеше
и која 100 пати ти ја пронаоѓаа
затоа што во твоите години ти немаш право
и не смееш да си дозволиш себеси
погледот да ти одлета
некаде на страна,
кому е грижа за твоите денови
и тоа како се чувствуваш.
Нека не те изненади тоа што моите усни
сѐ уште имаат боја на зрела вишна,
како во деновите кога те посакував
и тоа што не се чувствував понижена
тогаш кога бев единствен виновник
кога требаше да се срамам затоа што те сакам,
а не се срамев и нема да се срамам,
затоа што знаев дека тоа што го носам во себе е
вечно и свето...

Ако некогаш се сретнеме,
прави се дека не ти е гајле
и не покажувај дека ти е жал
за она што не било, а можело да биде,
остави ме да верувам дека не ти е гајле,
така полесно ќе ги убијам годините и деновите
кои остануваат и оваа тага која не престанува.

Ако некогаш се сретнеме,
не ми подавај рака,
не ме прегрнувај,
твојата прегратка може да ми го продолжи животот,
а јас одамна сакам да заспијам во мир,
само застани и остави ме
убаво да ти ги видам очите,
да ги вдишам и впијам
за сите денови кога морав да бидам без нив,
кога останав без нив
а сакав секое утро во нив да се огледувам
и засекогаш да ги убијам
сите други очи и погледи.

Ако некогаш се сретнеме,
ќе видиш
дека не си сретнал ни пријател, ни сестра,
ни жена, ни љубовница,
ако некогаш се сретнеме
ќе знаеш дека си се сретнал самиот себе...