Ако не постоеше утре, човекот би знаел да живее денес!

Едно од најголемите човечки грешки е верувањето во тоа дека постои нешто што доаѓа утре. Заблуда е дури и самата претпоставка дека утре мора да дојде. Во тоа лежат сите проблеми на светот, раскинувања, болести, смртта и животните пропаѓања.

Само затоа што некој мисли дека еден ден се ќе дојде на свое место. Тоа едно „утре“ со себе повлекува многу „идни денови“, кои едноставно не значи дека мора да се случат. Што ако за промена помислиме на тоа дека го имаме само денешниот ден?

Ако не постои утре, човек само денес би ги трошел парите. Би патувал. Би зборувал гласно и би ги покажувал своите чувства. Би љубел. Би ги нашол луѓето на кои им останал должен да им каже неколку убави зборови. Би ги скрател оние на кои треба да им каже неубави зборови, затоа што ако не постои утре, која би била поентата на навредите и трошењето време на глупости? Ако не постоеше утре, човек дефинитивно би живеел денес. И баш онака како што секогаш сакал да живее во тоа некое „утре“.

Да се живее секој ден како да е последен може да биде погубно. Лудо и нелогично. Но, да се живее секој ден како да е единствен, тоа може да биде сосема поинаку. Тоа не значи дека човек се уверува дека утре не постои, туку дека сфаќа дека тоа утре не е оправдување за се што пропуштил да направи денес. Да се живее секој ден како исчекување за подобра иднина личи на чекање на автобуска станица, седејќи на клупа, неправејќи ништо. А толку многу работи се кријат на таа станица. Почнувајќи од најважните луѓе. Секое чекање не мора да биде мачно, ако во него се пронајде смисла.

Ако не постојат роковите, човекот би бил пононшалантен, но можеби и покреативен, затоа што не би работел затоа што мора, туку затоа што е способен и има идеи. Дури и ако истите доаѓаат ненајавено во 3 часот наутро.

Ако не постоеја родендени, човекот би живеел помалку оптоварен со годините и материјалните нешта. Не би очекувал подароци и не би броел години како дополнителен товар, кога секоја година самата по себе би доаѓала како подарок.

Ако не постоеја ноќите, човекот би видел убавина и во денот. А ако не постоеше утре, сосема извесно секој момент би го направил вреден за сеќавање, затоа што не би имал простор да го одложува животот.

На овој начин секој ден се тешиме со надежта која иднината ја крие, присеќавајќи се на убавината од некои минати денови. Несвесни дека секој момент во кои сме биле, станал минато, а можел да биде сегашност, кога само би го сакале тоа. И да знаевме да живееме како да не постои утре.

А и вчера воопшто не би требало да постои.