Ако доаѓате кон Скопје, автомобилот да го оставите на влез - идејата на Шилегов предизвика бурни реакции

Ако доаѓате кон Скопје, автомобилот да го оставите на влез а кон центарот на градот да продолжите со воз, автобус или велосипед. Ова е една од предлог мерките со кои градските власти предвидуваат да го намалат аерозагадувањето кое доаѓа од сообраќајот.

За реализација на планот, се бараат и локации за паркинг во Гази Баба и Ѓорче Петров каде жителите од внатрешноста ќе ги оставаат возилата. Градоначалникот Петре Шилегов уверува дека планот не значи забрана за влез во градот на возила кои немаат регистарски ознаки од Скопје, туку обид  да се стимулира користењето јавен превоз. Додава дека ваков модел постои во многу метрополи во светот и убеден е дека ќе го практикуваат луѓето од внатрешноста на државата.

„Многу ќе биде и за нив поефтино, бидејќи во една цена ќе имаат и паркирање на возилото и користење на јавниот градски превоз, да си ја завршат работата заради која што се дојдени во Скопје и да си се вратат онаму од каде што доаѓаат, вели Петре Шилегов, Градоначалник на Скопје.

Ваквата идеја на Шилегов предизвика бурни рекации во јавноста. Граѓаните ги преплавија социјалните мрежи со написи во кои го осудуваат проектот.

Тврдат дека на тој начин се прави дискриминација, а се сомневаат и дека градскиот автобуски превоз во Скопје ќе им овозможи да пристигнат до местото каде се упатиле.

Инаку правото на слободно движење на граѓаните е загарантирано со Уставот и тоа може да се ограничи единствено со Закон во случај на воена или вонредна состојба и заштита на здравјето на луѓето. Законот за квалитет на Амбиентен  воздух пак предвидува дека може да се забрани движење на возила при енормна загаденост но ќе важи и за возилата од подрачјето во кое се воведува забраната.