Акцијата „Дотерај го Скопје!“ ќе заврши со четиридневен фестивал

Во организација на „Јавна соба“ од 01 до 04 септември ќе се одржи фестивалот „Дотерај го Скопје!“. Станува збор за продолжен викенд исполнет со урбани херои, дискусии како заедно да го направиме Скопје позелено, фотографии од акции, видеа, музика, смеење и позитивни вибрации.

Фестивалот „Дотерај го Скопје!“ во „Јавна соба“ ќе почне на 01 септември (петок), во 14 часот, со панел-дискусија „Скопје, Европска зелена престолнина 2025“. Потоа ќе следуваат проекции на филмови во рамките на „Зелено кино“ (во 17 часот), отворање на изложба и дружење со урбаните херои на „Дотерај го Скопје“, отворање на продавница со селекција на природни и еко-производи, стендап-настапи на млади комичари, како и концерти на Александар Пешевски и групата „Minstrel’s Gallery“.

Следните денови од 02 до 04 септември ќе продолжат проекциите во „Зелено кино“, а ќе има и презентација на „Аква Струга“, дебата „Медиумите како сигурен аларм за заштита на животната средина“, работилница „Дотерај ја твојата Паста“ за готвење со органска храна за деца и родители на шеф Дарко Алексиќ, работилница „Како да направиш мала вертикална градина“ со тимот на „Дотерај го Скопје!“, презентација на „Grow up Academy“ со наслов „Како да го искористиш Фејсбук за промоција на твојот производ или проект“ по примерот на „Дотерај го Скопје!“.

Во забавниот дел од програмата ќе се одржи и стендап-комедија на Никола Тодороски, како и концертите на „Swingwalkers“, „Mammoth & Yashem“ и „Флека“.