Акција за собирање облека – закачете ја јакната на дрво, на некој му е потребна топлина!

Граѓани преку социјалните мрежи организираат акција за собирање на облека која ќе им биде подарена на оние што најмногу им треба. Акцијата се планира да биде организирана на улица “Македонија” во центарот на Скопје од 13 до 18 часот на 4, 5 и 6 декември.

– Ајде да помогнеме! Идат зимски денови и има луѓе на кои можеме да им помогнеме! Да ги собереме јакните кои не ни се потребни нам – но на некој друг живот му значат – и да ги ставиме низ центарот и околината на Скопје – за да може секој на кој му треба топлина да се згрее во овие студени ноќи и денови – стои во иницијативата која кружи на Фејсбук.

Оние граѓани кои не се во можност да присуствуваат во определените денови, слободно може да го направат истото на своја рака во својата општина.

– Закачете ја својата јакна на било кое дрво – сигурно ќе се најде некој на кого му е потребна топлина! – велат организаторите.

Ваква акција за бесплатно делење на јакни за сиромашните и бездомниците деновиве е покрената во Бугарија. Јакните ги закачуваат на дрва. Преку социјалните мрежи слична акција во јануари се организираше и во Хрватска.

Вакви акции последните години се организираат низ целиот свет.