Големата акција за чистење на Скопје денеска и в сабота ќе се реализира во општина Карпош. На пет локации ќе се расчистува шутот, депониите и ќе се собираат сувите лисја.

Ќе се чисти зад ресторанот „Македонска куќа“, кај контејнерите, под мостот Газела, од страната на населеното место Злокуќани, мостот кај вливот на Лепенец во Вардар, во Жданец, на улицата „Теодосија Синаитски“ каде ќе се отстрануваат камења и шут, како и каналот за одвод на атмосферски води меѓу Трнодол и Жданец.

Во акцијата на Град Скопје ќе бидат вклучени механизација и човечки ресурси од градските власти и од општината.

ЈП „Паркови и зеленило“ ќе се вклучи со шест специјализирани возила за транспорт на лисјата, a ЈП „ Улици и патишта“ ќе ги крпат ударните дупки на поголемите градски улици, на станбените и сервисните улици во општина Карпош.

ЈП „Градски паркинзи“ ќе работи на расчистување на нивните паркиралишта кај Градската општа болницата „8 Септември“ и кај тенискиот клуб „АБЦ“, а ЈП „Водовод и канализација“ ќе работат на расчистување на сливниците и ќе помогнат и во транспортот на собраните лисја.