Означувањето на храната го вршат операторите со храна и тие се должни на пакувањето на храната, наменета за ставање во промет, означувањето да го направат на начин кој е лесно разбирлив и во согласност со законските и подзаконските прописи.

Означувањето претставува ставање ознаки на храната или на нејзиното пакување во вид на слики, цртеж, симболи или текст преку пишување, отпечатување, втиснување, вметнување, отсликување, цртање или друг начин во прилог на пакувањето, вклучувајќи и етикети, маркички и налепници или кој било друг начин на означување, велат од Агенција за храна и ветеринарство.

Преку означувањето на производите се добиваат корисни информации. Доколку внимателно го прочитате, ќе дознаете повеќе за храната што ја купувате и на тој начин ќе избегнете храна и состојки на храната на кои сте чуствителни и влијаат врз вашата здравствена состојба.

Доколку, пак, наидете на производ со изминат рок, должни сте веднаш да го пријавите на местото на купување и да ја известите Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ознаките на производот треба да бидат читливи и напишани така што потрошувачите ќе можат да ги видат, нескриени од други ознаки (налепници за цени и слично).

ОЗНАЧУВАЊЕТО ТРЕБА ДА ГИ СОДРЖИ СЛЕДНИВЕ ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ:

Името под кое се продава производот; Список на состојките кои се употребени во производниот процес или при преработката на прехранбениот производ; Количество одредени состојки или категории состојки употребени во производниот процес; Нето-тежина; Рок на траење; Специфични услови за складирање и услови за употреба; Серија (шаржа, партија, лот); Име и адреса на производителот и увозникот; Земја на потекло и извор на производот; Упатство за употреба; Содржина на алкохол за пијалаци кои содржат повеќе од 1,2 . проценти алкохол. вол Конзервирано со јонизирачко зрачење; Пакувано во контролирана атмосфера; Органско потекло; Генетски модифициран; Состојки кои предизвикуваат алергии кај луѓето; Додавање засладувачи; Нутритивен состав;

ДОПОЛНИТЕЛНИ И КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ КОИ МОЖАТ ДА СЕ НАЈДАТ НА ПРОИЗВОДОТ

Телефонски број на производителот, увозникот, дистрибутерот за дополнителни информации; Ракување со производот, чување, одложување, рециклирање и слично; Ознаки кои се однесуваат на начинот на производство (произведено со фер-трговија, награди од независни тест-лаборатории, потписници на кодекси и слично).