АХВ препорачува, да не се јаде црниот дроб од дивечот, бидејќи е отровен

Во црниот дроб на дивечот се пронајдени и до десетпати поголеми концентрации на тешки метали од дозволените, поради тоа не се препорачува негова консумација.

Што се однесува до месото од дивечот, како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), тоа е безбедно и може да се користи но само со претходна термичка обработка.

Како што информираше директорот на АХВ, Зоран Атанасов, анализата направена во периодот 2002-2017 година покажала поголемо количество на кадмиум, олово и жива. Најголеми отстапувања во присуството на тешки метали се пронајдени кај дивечот во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга.

Тој објасни дека употребата на црниот дроб или на месото во кое има присуство на вакви метали може да предизвика тешки последици по здравјето на луѓето.

– Во одредени случаи кај отстреланиот дивеч се утврдени и до десет пати поголеми концентрации на олово, кадмиум и жива во црниот дроб. Само во четири случаи е најдено зголемување и во мускулното ткиво и тоа само во текот на 2017 година, истакна Атанасов.

Во најголем процент тешките метали се детектирани кај дивите свињи – 95 отсто кои се хранат со ринење, а потоа и кај зајакот и птиците. Се претпоставува дека присуството на тешки метали доаѓа од почвата.

Особено ова важи за ловџиите кај кои, традиционално, по ловот, најпрво се јаде црниот дроб и тоа е вид гоштавање, нивно и на семејството.

Атанасов потенцира дека секое месо што се пушта во промет претходно подлежи на контроли.

– Две ловни друштва пријавиле појава на трихинелоза кај дивечот, а се следат и бруцелозата, птичјиот грип, африканската и класичната свинска чума, како и беснилото кај лисиците. Веќе се дадени препораки, како да се постапува во случаите со трихинелоза, истакна Атанасов.
Трихинелозата, како што објасни тој е паразитарно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето. За да се заштити населението, не треба да јаде такво месо. Сепак, термичката обработка на високи температури е еден вид заштита. Препораките се, заловениот дивич да се однесе на испитување.

– Онаму каде што утврдивме присуство на трихинела, кај четири случаи, труповите термички ги обработивме и ги уништивме со закопување во земја. Тоа е најбезбедниот начин. Воопшто не се пуштени во промет, подвлече Атанасов.

Во Македонија нема од белгиското месо за кое се претпоставува дека е старо над 12 години.

– Пристигнати се количини месо од Белгија, но не и од компанијата што е во РАСАФ системот на ЕУ, истакна директорот.

Се работи за компанијата „Вевиба” од Белгија, која фалсификувала податоците за рокот на траење на месо и месни производи, а во нив се ставале делови од животински тела кои воопшто не се дозволени за човечка консумација. Месото се извезувало во Југоисточна Европа.

Според медиумите, скандалот е уште поголем поради тоа што месото кое уште во 2004 година било обработувано во кланицата на фирмата “Вевиба”, било извезено на Косово 12 години подоцна.