АХВ апелира да внимавате кога купувате храна – еве што да избегнувате

Ова се само дел од препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) според која, здравјето влегува низ уста и затоа треба исклучително да се внимава како, каде и што јадеме.

Избегнувајте производи во оштетени, нагмечени, надуени или напукнати конзерви, тегли, кутии и други амбалажи, не купувајте готови јадења кои стојат во откриени садови, разделувајте ја зготвената од суровата храна, добро измијте ги овошјето и зеленчукот.

Особено е битно, велат од АХВ, кога пазарат, купувачите да го читаат означувањето на производите, а ако јадат надвор од дома и евентуално се посомневаат во исправноста или безбедноста на храната, да направат друг избор.

– Секогаш внимавајте, лицето кое ја приготвува или послужува храната правилно да ракува со неа. Во маркетите, пак, кога купувате, читајте го означувањето на производите. Согласно постојниот Правилник, тоа треба да биде јасно видливо и разбирливо, со прецизно наведени алергени, адитиви, витамини, минерали,… Практично ги дава сите неопходни информации за составот и начинот на чување на храната, рокот на употреба, нето тежината или волуменот,…, врз основа на кои потрошувачот може да изврши правилен избор, велат од Агенцијата.