88 отсто од македонските граѓани се религиозни

Резултатите од истражувањето спроведено од Брима Галуп покажуваат дека осумдесет и осум отсто од македонските граѓани се сметаат себеси за религиозни.

Одговарајќи по истото прашање „Дали себе си се сметате за религиозна личност или атеист независно од тоа дали посетувате место за богослужба или не“, осум проценти изјавиле дека се сметаат за нерелигиозни, а само два отсто се сметаат за атеисти.

Во регионот, по Македонија, Косово е следната земја со најголем број испитаници кои се сметаат за религиозни (83 проценти), потоа Србија (72 проценти), Грција (71 проценти) и Бугарија (56 проценти).

Во Македонија Брима Балуп спроведе теренска анкета лице в лице во домот на испитаникот на репрезентативен примерок од 1.204 испитаници на возраст над 15 години.

Истражувањето на Брима Галуп е правено и на глобално ниво и тоа покажува дека од анкетираните, 63 проценти велат дека се религиозни, оти еден од петмина, односно 22 процента се изјасниле дека не се религиозни, а еден од десетмина се сметаат себеси за атеисти.

Кина е најмалку религиозна земја со двапати поголем број на атеисти од која било друга нација, (61 процент), потоа следи Хонг Конг 34 проценти, Јапонија со 31, Чешка со 30 и Шпанија со 20 проценти од населението кои се изјасниле како атеисти.

Со 94 процентни поени Тајланд е на првото место како земја со најмногу религиозно население, потоа следуваат Ерменија, Бангладеш, Грузија и Мароко со 93 проценти.

Во Африка и на Блискиот Исток осум од 10 лица се сметаат себеси како религиозни, седум од 10 тоа го кажале во Источна Европа и Америка, а шест од 10 во Азија.