800 ученици учествуваа на "Ролер трката"

Под мотото „Возиме кон иднината“ денеска се одржа „Ролер трката 2017“, на која учествуваа околу 800 ученици од 28 основни училишта од Скопје и од околината. 

Учесниците во ролер трката возеа од пред фонтаната Лотос цвет, па по булеварот Илинден до клучката на булевар Илинден со улица Никола Тесла и назад до стартот.

„Ролер трката 2017“ почна со женската трка на која првото место го освои Наталија Миновска од ОУ „Ј.Х.Песталоци“, втора беше Ивана Танчин од ОУ „Гоце Делчев“, а трето место го освои Анџелика Јаневска од ОУ „Димитар Беровски“.

На машката трка победи Никола Новаковиќ од ОУ „Блаже Коневски“, второто место го освои Никола Митровиќ од ОУ „Ј.Х.Песталоци“, а трет беше Никола Баџаков од ОУ „Ј.Х.Песталоци“.

Учениците коишто го освоија првото место за награда добија ролерки со заштитна опрема, пласираните на второто место добија ролерки, а пласираните на третото место заштитна опрема.

Целта на оваа рекреативна масовна акција е развивање на спортскиот дух и желбата за спортување на нашите најмлади.